Пратениците гласаа за суспендирање на домашните летови, доколку патувањето на одредени рути може да се изведе со воз, пренесува „Гардијан“.
Француските пратеници гласаа за суспендирање на домашните авионски линии кои може да се остварат со воз, а траат помалку од два и пол часа, во рамки на воведувањето серија мерки против климатските промени.
По долга и вжештена дебата во Народното собрание, беше усвоена забраната што е разводнета верзија од главната препорака од граѓанската климатска комисија на Емануел Макрон.
Таа става крај на кратките домашни авионски линии од аеродромот „Орли“, јужно од Париз, до Бордо, Нант и други градови. Сепак, мерката не ги спречува авионските линии од аеродромот „Шарл Де Гол“.
Климатската комисија беше создадена од Емануел Макрон кој оригинално предложи да се стопираат сите летови до разни француски дестинации, каде што патувањето може да биде изведено со воз, а трае помалку од четири часа.
Сепак, времетраењето беше намалено на два и пол часа по силните приговори од страна на неколку туристички места, кои исто како и авио-комапниите, беа силно погодени од локалните и глобалните забрани за патување во време на пандемија.
Пред една година, француската власт се задолжи 7 милијарди евра, под услов дека одредени домашни летови ќе се стопираат, а нискобуџетните авио-компании нема да оперираат на забранетите домашни авиолинии.
Извршниот директор на „Ер Франс“, Бенџамин Смит, истакнал дека авио летовите ќе се намалат за 40 отсто на домашните рути до крајот на оваа година.
„Се одлучивме за намалувањето од два и пол часа бидејќи четиричасовните патувања може да ги изолираат териториите“.
Новиот закон во Франција е внимателно набљудуван од другите земји. Австриската коалиција „конзервативно зелена влада“, предложи данок од 30 отсто за авионски билети за летови помали од 350 километри, како и забрана за домашни летови кои може да се остварат со воз, а траат помалку од три часа.
Во меѓувреме, Холандија уште од 2013 година се обидува да ги скрати домашните летови. Во 2019 година, холандските пратеници гласаа да се забранат летовите од „Шипхол“ аеродромот во Амстердам до аеродромот „Завентем“ во Брисел, растојание од 93 милји. Сепак, забраната не се воведе бидејќи ги прекршуваше регулациите за слободно движење на Европската комисија.