Францускиот министер за здравство вчера соопшти дека итната контрацепција ќе стане бесплатна за жените од сите возрасти, а пристапот до скринингот за сексуално преносливите инфекции подобрен (СПИ), јавува Еурактив.
Новиот министер за здравство на Франција, Франсоа Браун во однос на сексуалното здравје идентификуваше два проблеми со кои има намера да се справи, односно пристапност до итна контрацепција и зголемувањето на сексуално преносливите инфекции.
Според Националниот референтен центар за СПИ, Франција забележала зголемување на инфекциите помеѓу 2020 и 2021 година, делумно поради падот на прегледи во 2020 година од 30%, за време на пандемијата со коронавирусот.
За да се подобри ситуацијата, министерот за весникот „20Минути“ изјави дека ќе се погрижи итната контрацепција да биде бесплатна за сите жени, без разлика на возраста.
„Наскоро во аптеките ќе има пристап до итна контрацепција ‘без никакво ограничување’“, рече министерот.
Браун, исто така, посочи дека сака да го направи скринингот за СПИ бесплатен за жени до 26-годишна возраст.
„Младите луѓе се дел од популацијата најмногу погодена од овие инфекции“, предупреди Браун, додавајќи дека зголемувањето е „загрижувачко“.
Акцентот ќе биде ставен на превенцијата и скринингот, рече Браун. Овие два предлози ќе бидат вклучени во предлог-законот за финансирање на социјалното осигурување 2023, кој ќе биде презентиран на Советот на министри на 26 септември.