Франција ќе забрани ученичките да ги носат препознатливите широки и долги фустани во училиштата, со што во земјата одново се вжешти дебатата за секуларизам.
Министерот за образование, Габриел Атал, изјавил дека фустаните кои ги носат муслиманките нема да бидат дозволени од почетокот на новата учебна година, бидејќи облеката го прекршува францускиот принцип на секуларизам.
„Одлучив дека фустаните повеќе не можат да бидат носени на училиште. Кога влегувате во една училница, не треба да ја препознаете религијата на учениците само со еден поглед. Секуларизмот значи слободата некоја личност да се еманципира преку учење“, изјавил тој за локална телевизија, додавајќи дека фустаните се религиски гест кој цели да го тестира отпорот на републиката кон училиштата како секуларни институции.
Франција е изградена на строга поделба на држава и црква, со цел еднаквост на сите приватни верувања. Но, во последните 20 години, државните училишта – каде не се воведени униформи и учениците можат да се облекуваат како сакаат – се ставени во фокусот на секуларни препукувања.
Во 2004 година, со закон беше забрането носење на директни религиски симболи во државните училишта, што вклучуваше забрана за превес, еврејски кипи, сик турбани и христијански крстови.
Досега, широките фустани и долгите здолништа беа во сива зона, односно, тешко беше да се регулираат. Муслиманските групи изјавија дека долгите фустани не се религиска облека, а дел од политичката левица посочи дека ученичките во долги фустани или здолништа неферск ќе бидат изоставени.
Забраната на министерот Атал, отпочна свежа политичка дебата за француските секуларни правила и дали тие го дискриминираат муслиманското малцинство во земјата.
Властите се уште не ја имаат детализирано забраната за долгите фустани во училиштата, но Атал изјавил дека наставниците и училишните администрации ќе добијат насоки пред почетокот на учебната година.
Софи Венетитеј, претставничка од советот на наставници изјавила дека забраната прво треба да биде подложена на јавна дебата и да ги опфати и родителите и учениците, за да не предизвика масовно отпишување на учениците од државните и нивно запишување во религиозните училишта.