Француските даночни власти откриле илјадници непријавени приватни базени кои избегнувале плаќање данок со помош на вештачка интелигенција.
Во експериментот кој го правеле со нов вид софтвер, откриени биле повеќе од 20.000 скриени базени што придонело до дополнителни 10 милиони евра даночни приходи, пренесе Би-Би-Си.
Приватните базени, според француските закони, мора да бидат пријавени бидејќи тие претставуваат основа за поголем данок на имот, поради тоа што ја подигаат цената на имотот.
Софтверот преку кој се откриле овие базени бил развиен од Гугл и француската компанија за консалтинг „Капгемини“. Базените биле откриени преку сателитски снимки од девет француски региони каде се спроведувало ова тестирање во октомври 2021 година.
Даночните власти сега најавуваат дека оваа програма можеби ќе биде проширена на национално ниво.
Во 2020 година имало повеќе од 3,2 милиони приватни базени во Франција според вебсајтот „Статиста“, но бидејќи се` повеќе луѓе работат од дома поради пандемијата со Ковид-19, имало дополнително зголемување на барањата за инсталации на базени.
Според весникот „Ле Паризиен“, просечен базен од 30 квадратни метри се даночи со 200 евра годишно.
Според даночните власти овој софтвер во иднина може да се користи и за откривање на непријавени проширувања на имот, доградби и дворови, кои исто така дополнително се оданочуваат.