Франција отвори истрага за воени злосторства по убиството на новинарот на АФП во Украина

Француското обвинителство за борба против тероризам соопшти дека отворило истрага за можни воени злосторства и злосторства против човештвото откако новинарот на агенцијата Франс прес Арман Солдин беше убиен во ракетен напад во близина на Бахмут, Украина, јавува Ал Џазира Балканс.

Истрагата ќе ја води ОЦЛЦХ, француска истражна единица специјализирана за злосторства против човештвото и злосторства од омраза.

Триесет и двегодишниот Арман Солдин бил со новинарскиот тим на АФП, во друштво на украински војници, кога групата се нашла под напад од ракети. Остатокот од прес-тимот не е повреден.

Солдин е роден во Сараево, но беше државјанин на Франција, се додава во соопштението.

Тој замина во Украина да известува за војната ден по почетокот на рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година, а во претходните месеци често беше на фронтот.