Француските пратеници предложија нацрт-закон за впишување на правата за абортус во уставот на земјата. Според „Евроњуз“, ваквата измена била најавена од два члена на францускиот парламент.
Нацрт законот е одговор на пресудата во САД, која ја поништи речиси петдецениската уставна заштита за абортусот, дозволувајќи им на државите да ја забранат процедурата.
Во САД, пресудата „Ру против Вејд“ од 1973 година гарантираше национално право на абортус, иако тоа долго време беше извор на расправии за конзервативците и верската десница.
Ороре Берж, лидерката од партијата на францускиот претседател Макрон, истакна дека поднела закон за „запишување на правото на абортусот во францускиот устав“.
„Правата на жените се секогаш ‘на стаклени нозе’ и редовно се загрозени“, изјави Берж за локалните медиуми, опишувајќи ја одлуката на американскиот Врховен суд за отповикување на абортусот како „катастрофална за жените ширум светот“.
Во Франција, абортусот е запишан во законот во 1975, како доброволно прекинување на бременоста.
Француската премиерка Елизабет Борн истакна дека Владата ќе го поддржи нацрт-законот, кој истовремено е поддржан и од Левичарската алијанса „Нупес“ и актуелната парламентарна коалиција, со што веќе е оформено мнозинство во корист на уставната промена.
Француската десничарска партија „Национален митинг“ долго време се противи на абортусот, а сегашната лидерка Марин Ле Пен се претставува како бранителка на правата на жените и го поддржува статус квото.
Во 2018 и 2019 година, пратениците од француската опозиција неуспешно се обидоа да го изменат уставот за да го вклучат правото на абортус.