Франција преку свои експерти ќе ни помогне во процесот на реформи во правосудството, најавија од Министерството за правда

Министерот за правда Игор Филков одржа средба со Амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер на која разговарале за соработката меѓу двете земји во областа на правосудството, проектите и реформската агенда, соопштија од Министерството за правда (МП).

Оттаму велат дека амбасадорот Риголер ги поздравил плановите на министерот за реформи и изразил подготвеност Франција да помогне во сите процеси со различна помош, вклучувајќи и експертска, со цел подготовка за членство во Европската унија.

Во таа насока, министерот Филков информирал дека од 16 септември започнал ангажманот на француската експертка, Сесилиа Мароние која има големо искуство во правосудната област.

„Од наша страна се обезбедени сите предуслови за овозможување на нејзина непречена работа“, рече Филков.

Од МП велат дека како особено значајна била истакната и соработката со судијата за врска што е во Белград и аташето за внатрешна безбедност на Скопје кои со своите активности помагаат во спроведувањето на реформите.

„На средбата се дискутираше и за законодавната агенда на Министерството за правда, најавите за отпочнување јавни расправи за Предлог измените на законите за Судски совет и за Јавно обвинителство, како и за Развојната секторска стратегија за правосудството (2024-2028)“, посочија од МП.