Во Францускиот Сенат помина на читање предлог – законот со кој се забранува родово-инклузивниот јазик, односно феминативите, од официјалната комуникација во Франција.
Пратениците сега треба да гласаат за законот, но официјалниот датум за изгласување сѐ уште не е објавен.
Неделава, францускиот претседател Емануел Макрон повика Франција да „не се предаде на духот на времето“ и да ја отфрли идејата за родово-инклузивен јазик, односно официјална комуникација со феминативи и да се зачува францускиот јазик.
„Во нашиот јазик, машкиот род е неутрален. Нема потреба од додавање на точки или цртички во средина на зборовите за да биде почитлив. Ние треба да дозволиме јазикот да живее, да се инспирира од други јазици, да презема зборови од јазиците од сите страни на светот, да се иновира, но и да ги задржи своите темели, темелите на граматиката“, изјавил Макрон на отворање на нов јазичен центар во градче близу Париз.
Одлуката на францускиот Сенат следи по долга дебата помеѓу јазичните пуристи наклонети кон десницата и левицата и феминистите.
Родово-инклузивниот јазик подразбира членување на именките во женски род, односно феминативи, ( на пример: претседател.ка, сенатор.ки), а со новата одлука Сенатот се задржува на старите граматички правила.
Со законот се забрануваат горенаведените примери да се користат на работните места, рекламите и договорите и сите официјални комуникации на француски јазик.
Првата дама на Франција, Бригита Макрон и Француската Академија долго време ја бранат својата позиција и се противат на „варварската злоупотреба на синтаксата“.
Забраната законски била предложена од Паскал Груни, француска сенаторка која одбила да го користи терминот „сенаторка“.
Според Груни, родово-инклузивниот јазик ризикува францускиот јазик да е помачен за лицата кои немаат образование или се со атипичен развој, а додале дека родово-инклузивниот јазик е „идеологија која ја заматува бистрината на францускиот јазик“.