Франција воведува нови мерки за да ги отргне возачите од нивните мобилни телефони додека се на пат. Врховниот суд одлучи дека возачите не смеат да ги користат нивните телефонски уреди дури ни откако ќе го запрат возилото. Тие ќе треба да се паркираат во посебно место за паркирање и да го исклучат моторот. Единствениот исклучок што судот го дозволува е во итни случаи. Казната за прекршување на забраната ќе чини 135 евра.
Според француските медиуми, пресудата била донесена откако возач добил казна бидејќи се паркирал на кружен тек со вклучени трепкачи за да го употреби својот телефон. Сепак, законот не важи за „hands-free“ уреди, иако ја ограничува употребата на безжични слушалки.
Забраните против користење на паметни телефони додека се вози веќе се воведени низ Европа.
Бројот на сообраќајни несреќи во Франција драстично се зголеми од 2013 година до денес. Пред две години, бројот на смртни случаи достигнал до 3500 загинати. Поради ова, властите воведоа повеќе строги мерки.
Владата најави дека планира да ги намали границите на брзина, да ги зголеми паричните казни за прекршување на забраните за користење мобилни уреди при возење, како и построги казни за пијаните возачи. Исто така, француските власти најавија дека до крајот на годината ќе ги спречат корисниците да ги информираат другите за полициските проверки преку апликациите за возење.