Француски новинар е убиен за време на руско бомбардирање во кое било погодено возило во кое се евакуирале цивили од источна Украина, соопштија француски и украински службеници, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„Новинарот Фредерик Леклерк-Имхоф беше во Украина за да ја покаже реалноста на војната. Смртно беше ранет во автобус за време на хуманитарна мисија, со цивили кои биле принудени да бегаат од руските бомби“, напиша францускиот претседател Еманнуел Макрон на Твитер.
Триесет и две годишниот Леклерк-Имхоф работел за телевизискиот информативен канал „БФМ“. Тој по втор пат бил во Украина од почетокот на војната. Во инцидентот полесно е повреден неговиот колега.
Француската министерка за надворешни работи Катрин Колона која во понеделникот го посети Киев, на Твитер напиша дека „Леклерк-Имхоф е убиен додека ја извршувал својата должност да информира“. Исто така, рече дека Франција ќе побара истрага за случајот.
„Франција бара што е можно потранспарентно да се спроведе истрага за околностите на драмата“, наведе Колона во пораката.
Според меѓународната организација Репортери без граници, од почетокот на руската инвазија во Украина на 24 февруари загинаа 8 новинари.