Францускиот документарен филм „На Адамант“ на режисерот Николас Филиберт беше прогласен за најдобар филм на овогодинешниот Меѓународен филмски фестивал во Берлин, пренесува Радио Слободна Европа.
„Тоа што документарниот филм се наградува и слави длабоко ме трогна“, рече Филиберт откако седумчленото жири на чело со американската актерка, сценаристка и режисерка Кристен Стјуарт му ја додели престижната награда.
Режисерот наведе дека во филмот се обидел да ја „преврти сликата“ која луѓето ја имаат за луѓето со ментални болести и да им овозможи на гледачите да видат „што нè обединува над сите наши разлики“.
„Како што сите знаеме, најлудите луѓе не се оние за кои мислиме дека се“, додаде Филиберт.
Во ноќта полна со изненадувања, родово-неутралната актерска награда на фестивалот предизвика сензација со тоа што ѝ беше доделена на осумгодишната Шпанка Софија Отеро, пренесува Франс 24. Младата актерка ја доби наградата за улогата на трансродово дете во филмот „20.000 видови пчели“.
Меѓународниот филмски фестивал завршува денеска. Оваа година Берлинале се врати во својата стандардна форма со физичко присуство и црвен тепих, по две изминати виртуелни изданија поради пандемијата со коронавирусот.