Францускиот анимиран филм „Татко“ на Сантјаго Буграсо ја освои првата награда, „Златна тула“, на четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс“, што се одржуваше од 4 до 6 декември во Кинотека на Македонија.
На затворањето на фестивалот, беа доделени и останатите награди. „Сребрената тула“ му припадна на „Човек на столчето“ во француско-јужнокорејска продукција, а „Бронзената Тула“ на „Кастиљо и наоружаниот“ од Бразил.
За најдобар филм за деца, пак, беше прогласен „Семејството вселенски кучиња“, а наградата ја прими гостинот од Русија, Андреј Рубетској, кој е дел од тој проект. За него гласаа дечињата во трите фестивалски денови.
Оваа година мото на фестивалот е „Ако сите светат, ти блескај“. На четвртиот „Анимакс Скопје Фест“ беа прикажани 52 филмови, од кои 44 за возрасни и осум за деца. Се пријавија 326 анимации од 52 земји во светот, а селектор на програмата беше Благоја Куновски Доре.