Институцијата која ја набљудува употребата на францускиот јазик побара од властите во Франција да се користат француски термини во гејминг индустријата наместо англиски зборови.
Француската академија вели дека „jeu video de competition“ треба да го замени терминот „е-спорт“, а „стример“ треба да стане „joueur-animateur en direct“. Наместо „клауд гејминг“, пак, јазичарите сметаат дека треба да се користи „jeu video en nuage“.
Од Француското министерство за култура за АФП изјавиле дека англицизмите биле „пречка за разбирањето“.
Но, гејмерите ја критикуваат оваа забрана, нарекувајќи ја „целосно бесмислена“.
„Јас сум Француз и ова ми е апсолутно смешно, никој нема да ги користи овие термини. Ваквата забрана е целосно бесмислена“, напиша еден гејмер на Твитер по повод оваа последна одлука на Академијата.
Франција редовно објавува предупредувања за „обезвреднување“ на јазикот преку увезени англиски зборови.
Француската академија е создадена во 1635 година од Кардиналот Ришеље и претставува официјален заштитник на францускиот јазик. 40-те членови дури имаат свои специјални униформи, заедно со церемонијален меч. Институцијата долго време води кампања против внесувањето на англиски зборови во францускиот јазик, нешто што забрзано се случува поради технологијата.
Сепак, нивниот повик за забрана на ваквите зборови претходно не поминала добро. На пример обидот да се замени „Ви-Фи“ со „l’access sans fil à internet“ никогаш не започнал успешно да се спроведува.