Пратеници од долниот дом на Францускиот парламент вчера изгласаа правото на абортус да биде вметнато во уставот на државата, со тврдење дека ваквиот потег е неопходен по пресудата на Врховниот суд на САД со кој беше укинато националното право на абортус.
Предлог-законот во Народното собрание помина со големо мнозинство. „За“ гласаа 337 пратеници, додека 32 беа „против“.
Гласањето претставува прв чекор од вметнувањето на ова право во францускиот устав. За да се промени уставот, овој предлог закон мора да биде одобрен и од Сенатот. Но, горниот дом на Парламентот е под контрола на десницата и минатиот месец го одби повеќепартискиот многу сличен предлог закон со кој се предвидуваше вметнување во уставот на правата за абортус и контрацепција.
Жените имаат право на абортус во Франција со закон усвоен во 1974 година, кој е изменет неколку пати оттогаш. Последната измена се случи во февруари, кога се прошири пристапноста до абортус од 12 на 14 недели бременост. Вметнувањето во уставот, според пратеничката Матилде Пано, дополнително ќе го заштити ова право и ќе направи тоа многу потешко во иднина да биде укинато.
„Овој предлог има за цел да се спречи секој вид регресија. Не сакаме да им дадеме шанса на луѓето кои се против правата на абортус и контрацепција“, рече таа во обраќањето пред парламентот.
Правата на абортус се многу пошироко прифатени во Франција отколку во САД или некои други ЕУ земји. 83% од Французите одобруваат право на абортус, според анкета од јули, што е за 16% повисока бројка во споредба со периодот пред 30 години.
На истата анкета 81% од граѓаните поддржале ова право да биде вметнато во уставот.