Францускиот министер за образование изјави дека скоро 300 ученици во понеделникот дошле на училиште во абаја, долга наметка што ја носат муслиманите и која го покрива целото тело, само неколку дена откако ваквата наметка беше забранета да се носи во училиштата.
Повеќето од девојчињата, како што пренесува „Би-Би-Си“ прифатиле да се пресоблечат, но 67 од 298 девојчиња, најголемиот дел на возраст од 15 години одбиле да ја соблечат наметката и поради тоа биле пратени дома.
Според упатствата на Министерството, секое од девојчињата имало разговор со вработените во училиштата. Следен чекор е разговор со нивните семејства. Ако и тоа не успее, девојчињата ќе бидат избркани од училиште.
Бројката на ученички што се појавиле во абаја е мала доколку се спореди со бројот од 12 милиони ученици и ученички кои тргнаа на училиште во понеделникот, според што Владата верува дека одлуката е прифатена низ целата држава.
Сепак и покрај тоа, правно оспорување поднесено од група што застапува Муслимани за ова прашање подоцна денес ќе оди на суд.
Министерот за образование кон крајот на август изјави дека на ученците во државните училишта од новата учебна година ќе им биде забрането да доаѓаат на училиште во широки и долги наметки што ги носат некои муслиманки.
Франција има строга забрана за промовирање на религиски симболи во државни училишта со аргумент дека тоа ги прекршува секуларните закони. Така, носењето на хиџаб во јавните училишта е забрането од 2004 година.
Во 2010 година Франција забрани го забрани носењето на превез преку цело лице во јавност што предизвика гнев кај петмилионската муслиманска заедница во земјата.
Државата има ставено строга забрана за било какви верски знаци во училиштата уште од 19 век, вклучувајќи ги и христијанските симболи големите крстови со цел да спречи да влијаат врз јавното образование.