Франција го номинираше својот најпознат леб за свој кандидат за статус на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, пренесува Еуроњуз.
Француското Министерство за култура во соопштението вели дека го избрало багетот за да го заштитат занаетот на правење на овој сеприсутен француски производ.
Според Министерството, во 1970 година имало 55.000 независни пекари низ целата земја, но само 35.000 денес, „честопати во корист на индустриски произведените багети“.
„Предвидените мерки за заштита, вклучително и спроведувањето на акции за подигање на свеста насочени кон пошироката јавност, имаат за цел да го забават овој пад со истакнување на овој занаетчиски сектор“, велат од Министерството.
Багет е долг леб, со крцкава кора, направен од само четири состојки: брашно, вода, сол, квасец или квас.
Неговото потекло датира од 17 век, но неговата потрошувачка наголемо започнала во 20-от век. Денес, во Франција се јадат околу 320 багети секоја секунда, што претставува годишна потрошувачка од околу 10 милијарди, според податоците на сајтот „Планетоскоп“.
Националната конфедерација на француски пекари и слаткарници го поздрави соопштението.
„По четири години работа, со голема гордост е избран нашиот предлог“, рече нејзиниот претседател Доминик Анракт.
„Ова го подобрува нашето знаење и може да ги охрабри младите да го изберат за професија, затоа што има многу работни места во пекарницата “, забележа тој.
Сепак, тие ќе треба да почекаат до крајот на 2022 година за конечната одлука на УНЕСКО.