Француската амбасада во Република Македонија втора година по ред објавува конкурс за награда за човекови права. Наградата е парична, во износ од илјада евра, а може да аплицира секое здружение кое има изработено проект за промоција и за подигнување на свеста за човековите права. Рокот за пријавување е до 17 ноември.
Наградата ќе биде официјално доделена на 10 декември, односно на денот кога е донесена Универзалната декларација за човекови и граѓански права, во Париз во 1948 година, од страна на земјите членки на Организацијата на обединетите нации.
„Наградата за човекови права на Амбасадата на Франција ќе му припадне на здружението кое ќе развие активност или група активности во насока на одбрана на социјалните права. Социјалните права во оваа област вклучуваат: право на почит на достоинството на работното место на поединецот, во областа на здравството или во условите за живот на најранливите категории граѓани. Почитувањето на социјалните права е начин за борба против сиромаштијата и несигурноста. Приоритетни темите за оваа награда се: почитување на поединецот на работното место и право на здравство и социјална заштита на ранливите категории (невработени, млади, стари …)“, велат од Амбасадата.
Наградата треба да претставува поттик за здруженијата да продолжат со делување во насока на развој на човековите права во Република Македонија, се вели во соопштението.
Повеќе информации, како и образецот за пријавување се објавени на веб-страницата на Амбасадата.