Fridays For Future Skopje: На грубоста од минатиот петок, денес одговоривме со кренати раце

Наместо протест, денеска пред Министерството за животна средина (МЖСПП) испративме симболична порака. На грубоста на безбедносните служби од минатиот петок, денеска одговоривме со кренати раце, но немаме намера да поштедиме никого од глетката, затоа што мора да и се погледне во очи на вистината – во Македонија и пошироко со години се случува екоцид, соопштија од Fridays For Future Skopje.

Токму затоа, велат активистите, и на овој начин се солидаризираат со Балканскиот протест за чист воздух, кој во Скопје беше откажан поради појавувањето на коронавирусот.

„Поради неможноста да учествуваме заедно со Белград, Приштина, Призрен, Бања Лука, Зеница и Подгорица, ги повикуваме нашите следачи да го споделат овој пост на нивниот профил, за оваа порака да добие форма на дигитален протест. На тој начин ќе застанеме заедно со остатокот од Балканот, за итно спроведување на барањата од еко организациите за радикална промена во пристапот кон прашањето за животната средина“, соопштија локалниот огранок на Fridays For Future.

Инаку, минатиот петок активистите со црвена боја ставаа отпечатоци од раце на прозорците на МЖСПП, симболизирајќи ја крвта на децата поради институционалната негрижа за загадувањето и климатските промени. На герила-акцијата, активистите беа отстранети од безбедносните служби и држени во министерството. Од МВР беа поднесени прекршочни пријави.

Иницијативата потоа нагласи дека нивната акција имаше за цел да ја крене свеста за загадувањето и климатските промени не само кај јавноста, туку и внатре во институцијата за животна средина.

Отстранување на еко-активисти од герила акција пред МЖСПП

Радио МОФ сними како изгледаше денешното отстранување на еко-активистите на Fridays For Future Skopje за време на герила акцијата пред Министерството за животна средина.

Posted by Радио МОФ on Friday, 21 February 2020

„Наместо тоа се соочивме со нечовечки пристап кој само ја потврдува вистинитоста на пораката што сакавме да ја пренесеме“, соопштија претходно од Fridays For Future Skopje.

Од Хелсиншки комитет за човекови права најавија дека ќе поднесат претставка до Секторот за внатрешна контрола во МВР поради односот на полицијата кон активистите. Меѓу учесниците во акцијата имаше и малолетно лице, кое како што забележаа од Хелсиншки, било држено во полициска станица повеќе од еден час, без присуство на адвокат и социјален работник, што според нив е дополнително прекршување на процедурите.