„Циклични хибриди“ е групата во која Фридом Хаус ја стави Македонија во својот нов извештај, „Државите во транзиција“. Според извештајот оваа група се карактеризира со редовни промени во владејачката елита кои не дозволуваат да се дојде до суштинска структурна промена.
Па така, како што додаваат од таму во Македонија има назадување во владеењето на правото и борбата со корупција а се истакнува и судирот на партиите околу уставните измени потребни за да се надмине бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија.
„Рејтингот за судската рамка и независноста се намали од 3,25 на 3,00 поради лошото работење на Државниот судски совет и наводите за непотизам при именувањата на обвинители и судии“, стои во извештајот.
Покрај тоа намален е и рејтингот за корупцијата од 3,25 на 3,00 поради голем број наводи за корумпирани високи функционери, како и поради измените во Кривичниот законик со кои се намалија казните за корупција и доведоа до завршување на случаи против поранешни и сегашни владини функционери.
„Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година се намалија казните за таквите злоупотреби предизвикувајќи да бидат отфрлени големи случаи, додека јавноста веќе се оптоваруваше од фатални корупциски скандали во здравствениот сектор“, се вели во извештајот.
Од оценетите седум категории во извештајот нема промени во оценката за пет – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење.
Во извештајот, Македонија, заедно со Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Ерменија е сместена во групата „циклични хибриди“ во кои редовните промени на владејачките елити спречуваат значителни структурни промени.
Во групата „демократизирачки хибриди“ се ставени Украина и Косово, додека меѓу „автократизирачки“ хибриди се наведени Србија, Унгарија и Грузија.
Симона Паскоска