„Фрлај и зимај“ – изложба во културниот центар „Кула“

По летната пауза од изложби, која од друга страна беше исполнета со програма од филмски проекции, концерти на отворено и дружби, во независниот културен центар „КуЛа“ ќе се изложуваат цртежи и слики во мал формат, од повеќе млади македонски уметници.

„Фрлај и зимај“ - изложба во културниот центар „Кула“

Изложбата со наслов „Фрлај и зимај“ ќе биде отворена во петок, 10 октомври од 20:00 часот, а публиката ќе може да си земе од изложените дела, при што ќе остави парична донација по желба, неопходна за опстанокот на овој алтернативен изложбен простор.

Секој посетител ќе може да земе најмногу два цртежи и слики по 23:00 часот, на крајот на изложбата и дружењето.

„КуЛа“ се наоѓа во преуредената стара кафана „Градска Кула“, а како што стои во нивниот Манифест, движечкиот мотив на овој вибрантен уметнички простор одржуван од ентузијазмот на група млади луѓе е следниот: „Таму долу, на земјата, владеат луѓе со ниски страсти, ниски вредности, ниски идеали… Копавме по тој отпад на човековата креативност и спасувавме сè што можеме за да почнеме да ја градиме кулата со надеж дека ќе стигнеме доволно високо да подишеме чист воздух…“

Извор