На состанокот на Комитетот на Бернската конвенција при Советот на Европа кој заврши денеска донесена е одлука да се отвори случајот кој го поднесе еколошкото здружение „Фронт 21/42“ за заканите врз Охридското Езеро и Галичица, информираат од здружението.
Отворањето на новиот случај против Северна Македонија следи откако на 1 декември, „Фронт 21/42“ ги презентирало аргументите од жалбата пред Комитетот и државите потписнички на Конвенцијата, а претставникот на државата известил за мерките за заштита кои ги спроведува земјата, додаваат од здружението.
„Наводите во жалбата и извештаите на Фронт 21/42 ги потврдија и телата на двете други меѓународни конвенции кои го заштитуваат нашето најголемо природно богатство – УНЕСКО и Рамсарската Конвенција. УНЕСКО ја сподели загриженоста од одлуката на Комитетот за Светско наследство да не го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност, додавајќи дека аргументите за прогласување на подрачјето за наследство во опасност се неспорни, а државата веќе доби дополнително време. Од Рамсарската Конвенција, на чија листа од оваа година се Охридското Езеро и Студенчишко Блато, потврдија дека ги загрижува Нацрт-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата кој не предвидува заштитна зона околу блатото“, велат од „Фронт 21/42“.
Оттаму додаваат дека во одлуката на Комитетот се вели дека и покрај неколку интересни активности за кои известила Владата, дека Комитетот бил загрижен за состојбата на двете подрачја опишани од подносителот на жалбата и меѓународните организации.
„Следејќи го барањето на подносителот на жалбата, кое беше поддржано од неколку држави-потписнички, Постојниот Комитет одлучи да ја унапреди жалбата во отворен случај“, се додава во Одлуката на Комитетот.
Од „Фронт 21/42“ велат дека на пролет се очекува во Охридскиот регион да дојде мисија на Бернската конвенција која ќе ја процени состојбата на терен.
Дополнително, оттаму посочуваат дека отворањето на случајот доаѓа во вистинско време и носи надеж за спас на нашето најголемо природно богатство.