Еколошката организација „Фронт 21/42“ реагира дека со целосно и свесно игнорирање на меѓународното право и спротивно на Уставот, вчера во Собранието продолжило процесот на усвојување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата и Законот за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата.
„Првото читање помина без никаква забелешка не само во матичното работно тело туку и во законодавно-правната комисија, која констатира дека истите се усогласени со Уставот и како такви се прифатливи за понатамошните процедури“, велат еко-активистите.
Тие посочуваат дека е прекршено меѓународното право. Потсетуваат, во декември 2021 година, Бернската конвенција отвори случај за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, а по посетата на терен во декември 2023 година ја усвои Препораката 221 (2023).
„Со три (од вкупно петнаесет) точки во оваа препорака се бара суштински да се изменат мерките за заштита пред да се усвојат законите за Охридско Езеро и Студенчишко блато. Конкретно, се бара ревизија на зонирањето и дозволените активности; да се обезбеди врска меѓу езерото и блатото; за Студенчишко блато се бара заштитна (бафер) зона која ќе ја покрива областа на Горица Север каде што не треба да бидат дозволени нови градби, во самото блато да не бидат дозволени никакви градби, ниту земјоделски активности. И Рамсарската конвенција изрази загриженост поради непостоењето на заштитна (бафер) зона околу блатото“, потсетуваат од „Фронт 21/42“.
Во април годинава Бирото на Бернската конвенција со писмо уште еднаш ја опомена државата дека има меѓународни обврски кон конвенцијата кои нема да ги исполни доколку не направи напори да ја спроведе препораката усвоена од сите држави потписнички.
Од „Фронт 21/42“ забележуваат, неспроведување на Бернската конвенција значи и неспроведување на член 118 од Уставот, кој упатува дека меѓународното право е над националното законодавство.
„Со продолжување на постапката на двата закони без нивна претходна темелна измена, не се спроведува ни Стратегискиот план за рехабилитација на Светското наследство во Охридскиот Регион, кој предвидува инкорпорирање на препораките на меѓународните конвенции во законите за Охридско Езеро и Студенчишко блато. Во двете последни одлуки Комитетот за светско наследство стави посебен акцент на спроведувањето на Стратегискиот план за рехабилитација и инкорпорирање на истиот во сите релевантни политики и одлуки. Истовремено Комитетот побара од државата да го заврши процесот на прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчишко блато за Парк на природата, но на начин кој ќе обезбеди дека мерките за управување ќе ги зачуваат клучните еколошки процеси и обележја кои придонесуваат за Исклучителните универзални вредности на подрачјето“, се вели во реакцијата.
Предложените закони не само што не воспоставуваат ефикасна заштита на Охридското Езеро и Студенчишко блато, посочуваат тие, туку доколку се усвојат ќе овозможат понатамошна деградација на нивните вредности.
„Законот за Охридското Езеро заштитата на брегот практично ја остава на предвидениот Урбанистички план од државно значење за крајбрежјето, не овозможува врска меѓу езерото и блатото, дозволува пловни објекти на 88,1% од територијата на езерото, за управувачко тело го назначува ЈП Колекторски системи (кое нема капацитет за управување со сложен и планетарно значаен екосостем како Охридското Езеро), итн. Законот за Студенчишко блато овозможува без никаков проблем да се реализира предвидената урбанизација во неговата непосредна и поширока околина, остава дозволените активности во самото блато да бидат определени заедно со сопствениците на имотите во истото, ниту овој закон не обезбедува врска со езерото, за управувачко тело ја поставува Општина Охрид (која многу пати досега покажа дека урбанизацијата, вклучително и на непосредната околина на блатото, и е главен интерес), итн“, стои во реакцијата.
„Фронт 21/42“ апелира до пратениците да не ги изгласаат предложените закони, а до МЖСПП да ги повлечат истите од собраниска процедура и доследно да ги спроведат сите елементи од препораките на Бернската конвенција, односно да постапат во согласност со Уставот на Македонија.
Дополнително, еко-активистите потенцираат дека во јули 2024 година направиле тура по целата должина на брегот на Охридското Езеро (од македонска страна) и детектирале 82 конструкции од различен вид во самото езеро.
„Доколку се усвои предложениот закон нема да има никакви законски пречки за ваков тип на интервенции“, реагираат тие.
Исто така, посочуваат, пловните објекти се дефинирани како висока закана за Охридското Езеро, но предложениот закон ги дозволува на 88,1% од територијата на езерото.
„При посетата во јули 2024 година детектиравме видливо поголем број на пловила од минатите години – нивниот точен број не се знае затоа што Капетанијата не ги евидентира локациите на сите регистрирани пловила во државата“, забележуваат тие.
Понатаму, велат дека предложениот Закон за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата нема заштитна (бафер) зона: предвидената урбанизација во Горица Север ќе може да се спроведе без никакви пречки.
„Бернска конвенција бара целосна забрана на градби во блатото. Јули 2024 година – 6 дивоградби во самото Студенчишко блато, додека е под Привремена заштита која забранува градби. За 2 од нив поднесовме иницијатива за инспекција уште во април 2023 година, која потврди дека се бесправно изградени и постави рок за рушење – една година подоцна исходот од инспекцијата е 6 дивоградби и основи за уште 2. Законот за Студенчишко блато предвидува дозволените активности да се дефинираат заедно со сопствениците на имоти“, реагираат тие.
Доколку се реализираат сите моментално важечки урбанистички планови за областа на Горица, велат од „Фронт 21/42“, целата област на фотографијата што ја приложуваат ќе биде урбанизирана со хотели и хотелски комплекси, викенд куќи, комерцијални објекти, инфраструктура, итн.
„Предложените закони на ниеден начин нема да ги оневозможат ваквите планови“, констатираат од еколошката организација.
Фото: Фронт 21/42