За три и пол години, откако е објавен првичниот извештај на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, се спроведоа низа на бесмислени и празни чекори, реагираат од здружението Фронт 21/42.
Нивната реакција доаѓа по веста дека со новиот извештај на УНЕСКО се потврдува фактот дека Охридскиот регион може да се најде на Листата на светски наследства во опасност.
Тие сметаат дека изминативе години проформа биле изработени и усвоени клучни документи и официјални одлуки, со цел како што велат – да се „штиклира” дека нешто е направено во дадениот рок.
„Се испратија државни извештаи до УНЕСКО кои изобилуваат со лажни информации“, посочуваат тие.
Оттаму го цитираат член 23 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, кој гласи:
„За извршување на меѓународнитe договори на Република Македонија се грижи Владата на Република Македонија и претседателот на Републиката.”
Покрај ова, укажуваат и на член 118 од Уставот кој дефинира дека:
„Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон”.
„Од јуни 2017-та до денес, „грижата” на нашите авторитети (и национални и локални) се сведува на трошење пари и време за да се изманипулира домашната и меѓународната јавност, додека паралелно продолжуваат да усвојуваат одлуки со кои се одобрува дополнително уништување на сериозно ранливите вредности на нашето најголемо природно и културно богатство“, реагираат од здружението.
Според нив, власта нема никаква намера, ниту пак интерес, да го зачува милиони години старото природно и културно богатство, и како што посочуваат, за тоа треба да одговара пред законот.
Поради ова, тие упатија апел од претседателот Стево Пендаровски со кој бараат тој да му наложи на министерот за животна средина и просторно планирање да донесе наредба за забрана на било каква урбана и/или крајбрежна трансформација во Охридскиот регион, вклучувајќи и било какви административни и/или други чекори за реализација на одобрените планови и проекти кои значат урбана и/или крајбрежна трансформација. Како пример ги посочуваат плановите за урбанизација на селата, новиот кеј, марина, нови хотели во близина на Билјанини извори,туристички комплекс Горица.
„Во периодов се носи Студија за валоризација на Охридското Езеро, како еден од чекорите во неговото ре-прогласување за Споменик на природата. Како и Планот за управување со Охридскиот регион, и за овој клучен документ пресуден фактор е рокот за негово донесување (се прашуваме дали повторно целта е државата да има нешто да прикаже во новиот Извештај кој треба да го поднесе до УНЕСКО?). Сметаме дека единствениот валиден критериум за овој документ е вредноста и значењето на Охридското Езеро и во таа смисла, бараме темелна и сеопфатна стручна проценка на сите релевантни аспекти на езерото“, се вели во апелот.
Од здружението, меѓудругото, бараат и Претседателот да му наложи на Министерот за животна средина и просторно планирање итно да ги стави Охридското Езеро, Студенчишко Блато, Студенчишки канал и Билјанини извори под привремена заштита (член 97 од Законот за заштита на природа) и целосно да се забрани улов на пастрмка и белвица, како и крајбрежна трансформација, сè додека не се изработи соодветна Студија и не се усвојат Законот и Планот за управување со Охридското Езеро.
Покрај ова, Фронт 21/42 бара Претседателот да и наложи на Владата итно да го актуализира процесот на усвојување на новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. Според нив, ова е најсигурниот начин да се обезбеди законски обврзна и соодветна заштита на сите аспекти на светското наследство.
„Можеби еден ден на овие простори ќе живеат луѓе кои ќе разбираат што значи врвно светско богатство и ќе знаат како да остварат значителни економски придобивки токму преку чување и негување на неговите вредности – на потег е Претседателот, кој има моќ и одговорност да спречи да им се уништи таа можност на сите идни генерации“, сметаат од Фронт 21/42.
Претходно, своја реакција упати и Охрид СОС, од каде обвинуваат дека владините институции се главните виновници за настанатата ситуација и поместувањето на Охридскиот регион на Листата загрозени светски вредности на УНЕСКО.
Охрид СОС: Владините институции и општината се неодговорни кон единственото УНЕСКО подрачје
И најновиот извештај на УНЕСКО, долг 200 страници, предлага отстранување на дивите објекти на брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град.