Во тек е 43. сесија на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО. На агендата е разгледување на потребата Охридскиот регион, единственото светско природно и културно наследство во Македонија, да биде прогласено за светско наследство во опасност. Ова, според еколошкото здружение Фронт 21/42, е негова единствена шанса за опстанок.
„Ставањето на Охрид на листата на светски наследства во опасност не значи тргање на заштитата на УНЕСКО – напротив, значи зајакнување на заштитата. Токму ова е неопходно за да се стопира трендот на деструкција и создадат услови за враќање на поволна состојба на вредностите. Одење на листата не значи губење на статусот, значи дека советодавните експертски тела на УНЕСКО (врвни светски експерти за природа и културно наследство) директно ќе се вклучат во изработка на Посакувана состојба и сет на корективни мерки. Постојат многу примери во светот каде ваквиот потег донел спектакуларни резултати и во речиси безнадежни случаи целосно се вратени Исклучителните Универзални Вредности“, велат од Фронт 21/42.
Според нив, македонската делегација која присуствува на сесијата во Баку, треба да побара Охрид да биде ставен на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО.
„За жал, по се што сведочевме од 2017-та наваму, наивно е да очекуваме дека ова ќе се случи, односно дека личните и партиските интереси ќе бидат ставени зад интересите на државата и на сите следни генерации. Останува да се надеваме дека светот ќе биде позагрижен за уникатното богатство на Охридскиот регион и ќе ја зголеми неговата заштита со тоа што ќе го прогласи за наследство во опасност“, велат од Фронт 21/42.