Дали Владата конечно ќе се осмели да ги раскине концесиските договори за хидроцентралите Жировница 5 и Жировница 6. во Националниот парк Маврово, прашуваат од „Фронт 21/42“ откако беа поништени дозволите за нивна изградба.
Од здружението појаснуваат дека концесиските договори за двете хидроцентрали беа потпишани во 2015 година. Според договорот, инвеститорот „Хидроген енерџи груп“ – конзорциум од компаниите „Фероинвест“ и „Хидрген груп“, имаше 3 години да ги реализира проектите, но не успеа во тоа. Во јануари 2018 година наместо да ги раскине договорите за концесија, Владата одлучи да ги продолжи до 3 јануари 2020 година. Притоа забележуваат дека на седницата на која се одлучувало за продолжување на рокот присуствувал и Заменик претседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев кој е еден од сопствениците фирмата Фероинвест.
На 4ти април годинава, Еколошкото здружение поднесе иницијатива за инспекциски надзор за проектите. Иницијативата беше поднесена по испратеното известување од страна на инвеститорот дека започнува со изградба на проектите. Иницијативата за инспекциски надзор беше поднесена до три инспекторати – Државниот инспектор за животна средина, Државниот градежен инспектор и Водостопанскиот инспекторот.
„Во јули 2019 година градежниот инспекторат утврди дека наводите во иницијативата се основани и заклучи дека дозволите за градба за проектите МХЕ Жировница бр. 5 и МХЕ Жировница бр. 6 престанале да важат. Минатата недела општината Маврово – Ростуше не информираше Градоначалникот ги поништил дозволите за градба за овие две централи. Имајќи предвид дека дозволите за градба се поништени се поизвесно е дека инвеститорот нема да ги реализира проектите во дополнителниот рок, 3 ти јануари 2020 година. Тоа значи дека до крајот на годината Владата ќе треба да донесе одлука за иднината за договорите за концесија за овие две хидроцентрали во Маврово,“ вели Александра Бујароска, извршна директорка на Фронт 21/42.
Слична одлука очекуваат и од страна на Инспекторатот за животна средина кој треба да одлучи за евидентираните пропусти во Елаборатите за животна средина. Од здружението појаснуваат дека Државниот инспекторат за животна средина евидентирал дека координатите на проектите во дадените решенија за одобрување на Елаборатите за животна средина не кореспондираат со актуелните координати во договорот за концесија.
„Се надеваме дека Владата ќе престане да им прогледува низ прсти и конечно ќе ги раскине договорите за концесија за МХЕ Жировница бр. 5 и МХЕ Жировница бр. 6 во согласност со Препораката бр. 184 на Бернската конвенција и Резолуцијата на Европскиот Парламент од 2018 година и барањето на месното население во Жировница“, додаваат од „Фронт 21/42“.