На 12 мај во Велестово, Охридско, ќе се одржи Фронтера вечерата, на која стотина млади луѓе од југозападна Македонија ќе се запознаат и ќе ги детектираат проблемите во своите заедници на чие решавање може да работат заедно.
Денот ќе заврши со заеднички подготвена вечера, под будното око на познатиот готвач Влатко Огненовски, во село Велестово, над Охрид. Заедничката трпеза и храната имаат и симболична порака во однос на сѐ она што ги поврзува луѓето, вели координаторката на Фронтера Македонија, Елена Б. Ставревска.
Наредните три дена, од 13 до 15 мај, 30 од учесниците на вечерата ќе бидат дел од Теракампот за социјално претприемништво во Струга, на кој се очекува учесниците во кампот да формираат помали тимови со кои понатаму ќе развиваат сопствени социјални бизниси со регионот.
„Главната цел на обата настани е формирање и развивање на заедница, мрежа на луѓе, учесници, тренери и експерти, кои се заинтересирани и способни да направат позитивна промена во своето место на живеење“, вели Ставревска.
Идејата зад настаните, додава таа, е да се најде модалитет за здружено соочување со некои од проблемите кои изгледаат преголеми или демотивирачки за поединец и мрежата меѓусебно да си помага од навидум најмали работи, до формирање на кооперативи и мали бизниси кои се бават со социјално претприемништво.
Охрид, Струга и југозападна Македонија биле избрани како регион кој искусил меѓуетнички тензии, но истовремено и како регион кој има значајна и богата историја на соживот и соработка.
„Истовремено, како и другите делови на Македонија, и ова е регион кој се соочува со сиромаштија и невработеност, но и со заминување на младите луѓе. Фокусот на социјално претприемништво оди токму во таа насока, во насока на асистирање на оние кои имаат желба и мотивација да створат нешто свое и заедничко во својот регион“, објаснува Ставревска.
Таа се надева дека во иднина ќе успеат иницијативата да ја прошират и во други делови на земјата, па и да ги поврзат различните региони на Балканот во кои е присутна Фронтера.
Инаку, Фронтера е мрежа на волонтери, која соработува со локални и меѓународни партнери во областите на развој на заедницата и социјалното претприемништво. Формалното седиште на Фронтера е во Холандија, а овој настан во Македонија е првиот од ваков вид на мрежата. Во септември следува сличен настан во Мостар, во Босна и Херцеговина, а наредната година и во Костајница, во Хрватска.
Доколку младите сакаат да придонесат кон Фронтера, Ставревска вели дека тоа првично можат да го направат преку аплицирање и учество само за Фронтера вечерата или за вечерата и Теракампот заедно. Крајниот рок за пријавување е 23:59 часот на 27 април. Освен ова, дури и оние кои нема да учествуваат во овие две активности може да ги здружат силите. На крај, младите можат да помогнат и со приклучување кон дигиталната платформа Comunios, чија промоција ќе следи после активностите во Охрид и Струга. Comunios е платформа за меѓусебно споделување добра, услуги и знаење помеѓу луѓе кои живеат во близина едни на други.