Студенти од Факултетското студентско собрание (ФСС) ФИНКИ потегнуваат идеја за формирање студентски медиум, со цел да се зголеми меѓусебната комуникација и информирање на овој факултет.
Иницијативата стартуваше од ФСС, со дискусии за да се сплотат студентите околу идејата, а потоа и преку предметот „Медиуми и комуникација“
„На овој предмет имаме стандарден проект кој се изработува секоја година, па дел студенти решивме всушност тоа да биде нашиот проект, со тоа што ќе го обработиме подетелно – да увидиме колкава е потребата за студентски медиум“, вели за Радио МОФ студентот Стефан Ефремов, член на ФСС ФИНКИ и координатор на иницијативата.
Анкетата што ја спроведоа низ ФИНКИ покажа дека 82% од студентите имаат потреба од сопствен студентски медиум, 72% би го користеле, а 23% одговориле дека би учестувале во негова изработка.
„Студентите сакаат да се информираат во области кои се поврзани со сопствениот факултет, сакаат да споделуваат мислења со останатите колеги на платформата и исто така сакаат тој медиум да биде анонимен“, соопштуваат од ФСС ФИНКИ.
Освен што студентите не се доволно информирани и недоволно комуницираат меѓусебно, анализата покажала и дека студентите најдобро учат гледајќи видеа.
Ефремов нагласува дека идејата е медиумот да објавува податоци на повисоко ниво за факултетските случувања и активности, но и да има некаков форум за дискусија.
„Во врска со овие податоци беше организирана трибина на факултетот каде гостин беше проф д-р. Соња Филипоска и студентите имаа прилика да споделуваат сопствени мислења и ставови во врска со студентски медиум. На истиот настан, иако беше спроведен во период на испитна сесија, достигна бројка до 40-ина присутни студенти“, соопштува ФСС ФИНКИ.
Сега, според Ефремов, останува ваквата идеја да стигне и да се разгледува од деканатот.
„Со деканатот, се уште немаме зборувано. Првично план ни е целосносната идејата да им ја претставиме финализирано. Односно, да ја обработиме и потоа со целиот план, анализа на резултатите да ги исконтактираме и да добиеме можност за студентски медиум“, вели тој.
Б.Ш.