„Функциониравме со импровизација, се снаоѓавме во хаосот“ – Една година студентски претставници на УКИМ

Дури 63,6 % од студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се изјасниле дека не го знаат името на актуелниот претседател на Универзитетското студентско собрание, а половина од анкетираните не знаат како им се вика лидерот на матичното факултетско студентско собрание.

Ова го покажа новото истражување на Младински образовен форум за работата на студентските собранија на најголемиот македонски универзитет во кое учестувале 780 студенти.

Според истражувачот Матеј Тројачанец, иако е зголемен бројот на студенти кои се запознаени со студентските претставници на матичните собранија и на Универзитетското собрание, податоците покажуваат дека сè уште постои незаинтересираност на студентите кои студенти ги раководат собранијата.

Во анализата се наведува дека мал дел од студентите сметаат дека се информирани за работата на УСС, поточно 12,2 % од студентите се целосно запознаени со активностите на УСС, 34,6 % од студентите се делумно запознаени, а 31,9 % се малку запознаени. Но, за разлика од Универзитетското собрание, студентите се поинформирани за активностите на матичните студентски собранија – 20,4 % се изјасниле дека целосно се запознаени со работата на ФСС, 33,5 % делумно и 23,9 % од испитаниците се малку информирани.

Најзадоволни од работата на своето ФСС се студентите од Факултетот за ветеринарна медицина, а најмалку задоволни се од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Според анкетираните студенти, собранијата треба повеќе да ги застапуваат студентските права и студентскиот стандард, но и да одржуваат јавни форуми или друг достапен механизам каде студентите ќе може да ги споделат своите мислења, барања и поплаки.

Според нив, Универзитетското студентско собрание нема доволно финансиски средства и нема доволно насоки од Министерството за образование и наука, додека кај факултетските собранија препознаваат и неискусен кадар и несоодветно стратешко планирање за извршување на својата работа.

„Ако го дигнеме гласот, може да не слушнат институците“

За досегашниот претседател на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов, податоците од една страна се позитивни, но не се целосно јасни. Вината за незадоволството меѓу студентите според него е на претседателите, бидејќи како што посочи, тие се реализиратори на програмата и се одговорни за колку ќе се успешни.

„Барем за мене лично, делумно не сум задоволен од работата на УСС и мојата работа пред сè. Можеше многу подобро и поефикасно да се заврши работата, особено во транспарентноста и делот со консултација со студентите. Недостасуваа и човечки капацитети“, истакна тој.

Најголем проблем со кој се соочил тој е внатрешната организација, односно неорганизираноста.

„Функционаравме со импровизација, се снаоѓавме во моментот, во хаосот“, рече Ефтимов.

Ги затекнала пандемијата на Ковид-19, но и бројните активности и надлежности.

„Тука е и Универзитетот кој е катастрофален. УКИМ се распаѓа и не гледам како би се спасило високото образование какво што е во моментот. Бројот на студенти постојано се намалува, меѓународното признание постојано опаѓа. Потребни се радикални проблеми за да се спаси или барем да се одложи таа пропаст. Кога функционирате на таков универзитет, не е лесно, ни во корона“, додаде тој.

Според него, решението е во формирање посебна служба административци на универзитетот, што ќе работат со собранијата, или да им се дадат средствата на студеднтите за да ангажираат свои лица.

„Буџетот засега е доволен, но бирократијата за да го реализирате е невозможна. Лавиринт без излез“, се пожали Ефтимов.

Негов совет до идниот претседател на УСС  е да се фокусира на два до три поголеми проекти и да се консултира постојано со студентите, иако истакна:

„Моќта на студентите не е онлајн, туку на улиците и во кампусите“.

Кога станува збор за моќта на студентите, веќе три месеци студентката Теа Мицевска служи како студентски правобранител на УКИМ. Но, иако очекувала до неа да стигнат повеќе пријави од студенти, речиси и да ги нема. Според неа, причина за тоа е дека студентите не се свесни за нивните права, а дури и да се, немаат довлно доверба во органите на Универзитетот. Ова пак, смета таа, дава погрешна слика дека УСС и правобранителот немаат влијание да сменат нешто.

„Ако го дигнеме гласот, може да нè слушнат институците“, рече таа, повикувајќи ги своите колеги да бидат активни.

И таа го спомна немањето доволно човечки ресурси за полесно да функционираа. Таа е студентски правобранител на ниво на Универзитетот, но и секој факултет треба да има свој правобранител.

Стравува од нераспонзивност и несоработка на органите на Универзитетот, иако укажува дека во таков случај тоа би значело прекршување на Законот за високо образование.

Да се зголеми видливоста на работата на собранијата

Во моментов Универзитетското студентско собрание претставува највисоко студентско претставничко тело кое дејствува во рамките на УКИМ и преку кое може да се креираат студентските политики.

Но, изборите за негово формирање се одржаа со задоцнување од дури 516 дена по стапувањето во сила на новиот Закон за високо образование, иако во него се напоменува дека „во рок од 6 месеци од денот на стапување во сила на овој закон се спроведуваат избори за претставници во студентските собранија и претседатели на студентските собранија“. Со ова, УКИМ директно го прекршил Законот.

Една година подоцна од нивното формирање, како најголеми проблеми кои факултетските студентски собранија ги препознале при своето работење се „нередовна комуникација“ со професори и „незаинтересираност од страна на деканот“. Дури 84,6 % од собранијата се изјасниле дека имаат континуирана и позитивна комуникација со професорите. Сепак, ова се резултати добиени од одговори на само 6 од вкупно 23 факултетски студентски собранија.

Според Петар Барлаковски од Младинскиот образовен форум, потребно е да се подобри транспарентноста на собранијата, така што би се креирала засебна веб-страница и службени електронски адреси на студентските тела, за студентите да можат своите забелешки и предлози да ги упатуваат на професионален начин.

„Во моментов, дел од студентите или ги комуницираат преку Фејсбук, или во живо,  што го отежнува целиот процес на комуникација“, забележува тој.

Барлаковски посочува треба да се зголеми и видливоста на работата на собранијата и нивните овластувања.

„Фејсбук страницата постои, но мора да има покреативни начини кои одговараат со возраста на овие луѓе да се информираат што прават нивните преставници“, рече тој, предлагајќи тоа да биде преку мејл на месечни ниво.

Според него, треба да се подобри и информираноста на студентите за изборите, со цел да има поголема излезност, бидејќи како што вели, во иднина легитимитетот на студентските претставници може да се спори поради малиот број гласови.

Покрај ова, Барлаковски смета дека треба да се поедностави начинот на финансирање за поефикасно да се трошат средствата што ги добиваат собранијата.

„Да нема потреба за едноставен прокт и настан кој нема потреба од големи финансии да проаѓа низ бирократски лавиринти“, спомна тој.

Предложи и креирање формална мрежа на собранијата за заеднички проекти, кое би функционирало на национално ниво.

Е.П.

Ковид-19 и неискуството им ги заврзаа рацете на студентските лидери