ФЗОМ предупреди за фишинг измама преку лажна веб-страница

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги известува граѓаните за сериозна фишинг измама која се одвива преку лажна веб-страница со адреса fzom . net. Оваа веб-страница, како што посочија, се претставува како официјална страница на ФЗОМ (fzo.org.mk) и има за цел да украде лични и финансиски податоци на граѓаните.

Измамниците, преку лажната веб-страница се обидуваат да ги измамат граѓаните да ги внесат своите лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса), податоци за здравствено осигурување, податоци за банкарски сметки и кредитни картички и кориснички имиња и лозинки.

Оттаму, категорично ги предупредија граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата fzom . net.

„Проверете ја внимателно веб-адресата пред да внесете какви било лични податоци. Не кликајте на линкови од сомнителни е-пошти или пораки. Не споделувајте ги вашите кориснички имиња и лозинки со никого. Пријавете ги сите сомнителни активности на ФЗОМ или во најблиската полициска станица. Официјалната веб страна на ФЗОМ никогаш нема да побара од вас внесување на банкарски податоци“, советуваат од Фондот.

Инаку, тие посочија дека веќе преземаат мерки за блокирање на веб-страницата и дека соработуваат со надлежните органи за да ги идентификуваат и казнат сторителите на измамата.

За дополнителни информации и пријавување на сомнителни активности, граѓаните, како што велат, можат да се обратат на официјалната веб-страница на ФЗОМ, телефонскиот број на ФЗОМ 02 3289 000 и мејлот info@fzo.org.mk.