Во Гевгелија, утре, на 27 јули ќе се одржи „G Fest“ – хип-хоп фестивал, во чии рамки е најавена дневна и ноќна програма, за кои организаторите велат дека ги носи сите четири елементи на едно место.
Со почеток во 10 часот наутро, хип-хоп фестивалот ќе започне со едукативно предавање за хип-хоп културата, како и дебати на истата тема.
Потоа, ќе следуваат настани од натпреварувачки карактeр со награди, а присутните ќе може да ги испробаат своите вештини во цртање со маркери и графити.
„Графитите ќе се цртаат на ѕидовите на игралиштето на Кожуф. Победниците на активности ќе бидат одбрани од гласови собрани од присутните посетители, кои со секое ливче за глас ќе треба да донираат симболична сума на средства, кои потоа ќе бидат донирани за лекување на Небојша Додевски – Грицко“, велат од „G Fest“.
Оттаму информираат дека ноќната програма на фестивалот ќе започне во 19 часот, на гевгелискиот плоштад, во чии рамки се најавени диџеј настапи, стенд-ап комедија, бит- бокс и брејкденс, рап настапи и специјални гости од Македонија и Франција.
*Исправка
Дел од активностите од првичната објава се сменети, бидејќи организаторот меѓувремено направи промена на некои од содржините од програмата.