Гајдата влезе во листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство

Културното добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ од вчера е впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, информираат од Министерството за култура и туризам.

Мултинационалната номинација, поднесена од Македонија и Турција, беше разгледана и усвоена на сесијата на 19. СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство, што се одржува во Асунсион, Република Парагвај.

„Ова е важен момент во македонската култура бидејќи дури по 7 години нашата држава впишува уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО, со што вкупниот број на впишани заштитени добра од нашата држава е 6, од кои веќе 2 заеднички со Република Турција“, соопштуваат од министерството.

Фото: Министерство за култура и туризам

Од таму посочуваат дека номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација на македонскиот тим, составен од претставници од Управата за заштита на културното наследство и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, и експертскиот тим на Министерството за култура и туризам на Република Турција.

„Впишувањето на добрата на листите на УНЕСКО претставува обврска за државите, но и можност за промоција на националното богатство во глобални рамки и зачувување за идните генерации“, објаснуваат од ресорното министерството.

Сесијата на Комитетот има цел да ги промовира целите на Конвенцијата, да обезбеди насоки за најдобри практики и да даде препораки за мерки за заштита на нематеријалното културно наследство.

Со годинашната сесија на Комитетот претседава Н. Е. Ненси Овелар де Горостиага, амбасадор и постојан делегат на Република Парагвај во УНЕСКО, и на неа учествуваат претставници од земјите членки, невладини организации, културни институции и други учесници од целиот свет.

Фото: Министерство за култура и туризам

„Потсетуваме дека Република Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 година со впишувањето на ‘Чет`рсе – празнувања на Светите Четириесет маченици во Штип’, потоа ‘Копачката’ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец (2014 г.), заедничката апликација на Република Македонија и Република Турција ‘Пролетна прослава Х’дрлез’ и мултинационалната апликација на Република Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија ‘Културни практики поврзани со 1 Март’ (2017 г.) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на ‘Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог’ (2015 г.) на Листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита“, соопштуваат од Министерство за култура и туризам.

На сесијата присуствуваше делегација од нашата држава во состав: Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, и Ивона Опетческа-Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра и национално контакт-лице за Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство.

„Македонската делегација на маргините на 19. СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО оствари повеќе неформални средби, и тоа со делегациите на Норвешка, Словенија и на Камерун, како и со Ненси Овелар де Горостиага, амбасадор и постојан делегат на Република Парагвај во УНЕСКО. Претставничките од Македонија, Честоева и Опетческа-Татарчевска, остварија средба и со генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, при што фокусот беше ставен на актуелните теми поврзани со Охридскиот Регион“, велат од министерството.