Овој четврток (9 февруари), оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Гајрет“ на кој како солисти ќе настапат македонската перкусионистка Мојца Седеу и гостите од Турција – Бурџу Карадаг (неи) и Ајкут Коселерли (перкусии). Диригент е Лубнан Баалбаки, а на програмата се Концерт во два става за солист на удиралки и оркестар од Љубомир Бранѓолица, Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ оп 39 од Фазил Сај и Симфонија бр. 8 од Антонин Дворжак.
Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Неговиот исклучително богат творечки опус вклучува опери и балети, камерни и хорски композиции, како и популарни песни. Важна карактеристика на неговиот музички опус е релацијата со традицијата која најмногу е потенцирана во балетското творештво на овој автор, како и во Концертот за перкусии и оркестар напишан во 2004 година. Ова дело ѝ е посветено на македонската перкусионистка Мојца Седеу, која ќе биде солистка на овој концерт.
Фазил Сај е исклучителен турски пијанист и композитор, кој повеќе од дваесет и пет години активно настапува на светската музичка сцена. Композиторот Ариберт Рејман, кога го чул во 1986 година како свири на конзерваториумот во Анкара, бил воодушевен од неговата изведба и веднаш го повикал американскиот пијанист Дејвид Левин да го слушне. „Мораш да го чуеш, ова момче свири како ѓавол“, рекол Рејман за 16-годишниот Сај. Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ е инспириран од приказната за отоманскиот научник, хемичар, филозоф и музичар Хезафрен Ахмет Челеби (1609 – 1640) и неговиот лет над Босфорот, за кој пишува и патописецот Евлија Челебија. Концертот е составен од четири дела – „Истанбул пролет 1632“, „Кула во Галата“, „Лет“ и „Егзил во Алжир“. Музиката е со типично ориентален призвук во кој Сај, покрај класичните инструменти, во оркестарот користи и сансула, вибратофон, вотерфон, кои креираат специфична атмосфера и звук во овој концерт.
Антонин Дворжак (1841 – 1904) е еден од најзначајните композитори на музичкиот романтизам, композитор чии дела будат интензивни асоцијации на музичките традиции на Чешка, истовремено носејќи го печатот на романтизмот претставен преку широките мелодии и богатата оркестрација. Симфонија број 8 е токму таков пример, дело во кое, како што композиторот самиот ќе напише, „мелодиите просто извираат од него“. Пишувана во 1889 година, Дворжак ја завршил симфонијата за многу кратко време и музиколозите често ѝ придаваат одлики на „пасторалност“.
„Музиката е импулс, инспирација, молитва. Таа е сигурен начин да се патува во други димензии. Талентот не може да се научи, но може и треба да се развива. Талентот, сам по себе, никогаш нема да биде доволен за вистински успех, исто како што трудот без талент нема никогаш комплетно да се материјализира“. Лубнан Баалбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Низ целиот свој живот Баалбаки бил опкружен од уметници од блиското семејство: сликари и музичари, кои ја создале инспиративната атмосфера што помогнала да се изгради неговиот музички пат.
Иако диригирањето е неговиот примарен фокус, маестро Баалбаки грижливо ги организира повеќето од неговите изведби и има блиска комуникација со луѓето инволвирани во неговите проекти, на сцената и надвор од неа. Откако ја започнал својата музичка кариера, Баалбаки работи како музички советник и шеф-диригент со Маџида ел Руми и Марсел Калифе. Како поборник за музичка писменост и социјален развој, тој се фокусира кон репертоар кој е разнолик и преку кој може да допре до поширок аудиториум, а во исто време да го задржи музичкиот интегритет и да ја промовира убавината на класичната музика преку популарни и препознатливи композиции. Во 2016 година Баалбаки е награден од страна на либанското Министерство за култура за неговиот исклучителен придонес кон уметничката и културната сцена во Либан. Во последните неколку години Баалбаки активно се појавува во медиумите со цел да ја подигне свесноста за важноста на класичната музика во Либан. Покрај своите појавувања во медиумите, тој држи предавања и учествува на конференции чиј фокус се теми од областа на културата и музиката.
Мојца Седеу дипломира во својот роден град Скопје. Специјализација за удирачки инструменти завршува во 1995 година на Државната музичка академија во Софија, во класата на проф. д-р Добри Палиев, а магистрира во 1997 година на истата академија. Специјалистички студии по камерна музика завршува во 1998 година.Првите оркестарски искуства ги стекнала на 16 години во Градскиот дувачки оркестар, потоа во Танцовиот оркестар на МРТВ, МОБ и Македонската филхармонија, а од 1994 е постојан член на Филхармонија. Како солист и камерен изведувач настапувала во Англија, Канада, Бугарија, Германија, Италија и др. Соработувала во проекти и од други жанрови заедно со Heinz von Moisy, Ray Charles, Rhani Krija, Tavitjan Brothers…о многустрана дејност, промовирајќи интерпретација на разни видови удирачки инструменти, е една од најактивните музичари во својата генерација, а повеќе автори, инспирирани од нејзината креативна изведба, ѝ посветиле дела за удиралки.
Добитник е на награда за инструменталисти на интернационалниот натпревар „Музиката и Земјата“ и на специјална награда за интерпретација од Здружението на композиторите на Бугарија во 1998 година. Истата година добива признание за високопрофесионална презентација на тема „Камерна музика за удиралки“ Performing Arts Center Multimedia, а во 2001 година го добива признанието „Одлична педагошка работа“ – интернационален конкурс „Палиев – Финк“. Во 2006 година е добитник на наградата „Георги Божиков“ од СОКОМ.
Од 1998 година е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а предава и на државните факултети за уметности во Приштина и во Тетово. Основач е на ансамблот за удирачки инструменти „Сонант“ во 1998 година.
Бурџу Карадаг e родена е во Истанбул, Турција, каде што завршила музика на Државниот конзерваториум.
Настапувала како солистка во родната Турција, но и во Франција, Германија, Италија, Луксембург, Белгија, Јапонија, Казахстан… Албумот со снимени дела од Фазил Сај, на кој настапува како солистка, ја доби специјалната награда „Ехо“.
Во март 2012 година, Бурџу Карадаг настапува како солистка на светската премиера на Концертот за неи и оркестар од Фазил Сај со оркестарот на Филхармонијата во Манхајм, Германија. Во 2019 година го издава цедето „Ney in Ethno Jazz“, на кое свири традиционални песни од Анадолија во џез-аранжмани.
Ајкут Коселерли е роден е во Анкара во 1985 година. Дипломира на Факултетот за музички и изведувачки уметности на универзитетот Билкен. Во 2001 година станува член на Младинскиот симфониски оркестар на универзитетот Билкен, а во 2004 година и на Младинскиот оркестар на Анадолија, кој го води познатиот турски композитор и пијанист Фазил Сај.
Од јануари 2013 година е перкусионист во оркестарот на Државната опера и балет во Самсун. Бил солист на многу премиерни изведби на дела од Фазил Сај – како Концертот за пијано и оркестар, балетската суита „Патра“, Концертот за кларинет и оркестар, Виолинскиот концерт „1001 ноќ во харем“, Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ и др.