„Галантна Индија“ е именуван првиот концерт од вториот дел на концертната сезона во Филхармонија.
Во четврток, на 20 јануари, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија под диригентската палка на Габриел Бебешелеа, ќе настапи и американската виолинистка Елишија Силверштајн.
Од Филхармонија известуваат дека на програмата се Концертот за виолина и оркестар бр.9 од Жозеф Болоњ (Шевалие де Сан Жорж) и Оркестарската свита од операта балет „Галантна Индија“ од Ж.Ф.Рамо.
„Галантна Индија“ е првата опера балет на Жан Филип Рамо, премиерно изведена во Париската опера на 23 август 1735 година. Во ова дело, Рамо ја запознава публиката со различни аспекти на љубов во далечните земји. Момчињата од четири европски земји, Купидони, грешејќи ѝ на божицата Хеба, одат во војна. Кога сфаќаат дека Европа ги напуштила, решаваат да одлетаат во Индија/Индии – генерички термин што во тоа време се користел за која било далечна, егзотична земја. Овие т.н. Индии стануваат место на случување во чиновите, односно антреа“, објаснуваат од Филхармонија.
Американската виолинистка Елишија Силверштајн на светската музичка сцена се етаблира како изведувачка со невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација. Музичката јавност за првпат има можност да ја слушне во Лондон, 2015 година, на музичкиот фестивал „Спиталфилдс“. Настапува како солист и како камерен музичар, а нејзиниот репертоар се состои од дела од 17 до 21 век.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот Младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.