245 илјади ученици денес седнаа во училишните клупи во основните и средните училишта. Споредено со првиот училиштен ден пред една деценија, бројката на ученици се намалила за 10 отсто или за 27.000 ученици. Годинава на училиште тргнаа 17.200 првачиња што е околу 3.5 илјади помалку од пред седум години.
Прв училиштен ден во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ – Скопје
На вчерашната прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека за првпат по 7 години учебната година стартува со навремено испорачани учебници.
Единствено во основното образование ќе недостасуваат учебници за странски јазици од прво до деветто, поради тоа што, како што рече Јаневска, претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која сè уште трае. Министерката најави дека по завршување на жалбениот процес, постапката ќе биде повторно спроведена, транспарентно и согласно сите законски процеси.
„Во делот на средното образование, затекнавме состојба на испечатени само 15 наслови за средно стручно образование во минатата година, а ние сега печатиме над 100 учебници кои досега не биле печатени. Сакам и да информирам дека отпочнати се подготвителни активности за изработка на нови наставни планови и програми во гимназиско образование и тие ќе се применуваат од учебната 2025-2026 година. Врз основа на истите ќе се спроведат и постапки за одобрување на нови учебници“, рече министерката.
Учебната година ќе трае до 10 јуни и како што најави министерката за образование и наука Весна Јаневска, годинава нема да има пролетен распуст за учениците. Зимскиот одмор ќе започне на 31 декември 2024 и ќе трае до 19 јануари 2025 година.
Ангела Бошкоска