Голем број домашни и странски активисти, поединци и иницијативи кои се залагаат за општествени промени на 29-ти мај беа дел од десеттото, јубилејно издание на Конференцијата за социјален активизам ENGAGE, кое годинава го имаше своето прво хибридно издание каде што домашните говорници говореа во живо од МСУ, додека пак странските говорници се вклучуваа преку платформата за видео комуникација ZOOM.
На платото на Музејот на современа уметност се зборуваше за активизмот, промените кои ги донесе пандемијата, но и за пркосот на оние кои решиле да ѝ се спротивстават на апатијата, со цел да го направат светот подобро место за живеење и да се изборат за општествени промени.
На ENGAGE 2021 виртуелно учествуваа интернационалните говорници: Гитанџали Рао, иноватор и научник од САД; „DJ Switch“, активистка и диџејка од Нигерија; Вандита Морарка, квир активистка и адвокат за човекови права од Индија; Јигит Гоктуг Торун, активист од Турција и Влад Илич, македонски актер и комичар кој живее во Велика Британија. Публиката пак, во живо имаше можност да ги слушне приказните на домашните учесници: Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“; Александра Манолчева и Дина Дамјановиќ од „Ways2Help“; Стефан Алексиќ од „Challenger“, Петар Антевски од „Пресврт“ и медицинарот Денис Јанкуловски – „Космонаутко“. Во улогата на модератори на настанот влегоа Наталија Теодосиева и Дамјан Цветановски од импров групата “НАСТАП”.
Гитанџали Рао, „Дете на годината“ според магазинот „Тајм“ зборуваше за тоа како желбата да помогне, заедно со посветените ментори и нејзиното учење и истажувањето, ѝ помогнаа да пронајде нови технологии во многу различни области, како уредите кои откриваат олово во водата за пиење.
„Детската перспектива ми помогна да пристапам поинаку во барањето на решенија за проблемите, особено за проблемите со пристап до чиста вода. Правото на чиста вода е основно право и треба да го имаат сите. Ова го правев секој ден и стана навика – како до пристап за чиста вода“, раскажува младата иноваторка.
„DJ Switch“, активистка и диџејка од Нигерија зборуваше за музиката како активистичка алатка. Нигерија и Северна Македонија имаат многу сличности – една од нив е апатијата, истакна нигериската активистка и диџејка Свич. Активистката Вандита Морарка пак се осврна на суштината на активизмот, и го постави прашањето дали е доволно да се санираат последиците, или треба да се бара решение за причините на еден проблем.
Влад Илич, инаку македонски актер и комичар кој сега живее во Велика Британија, од својата спална соба раскажа како е да си млад имигрант од Источна Европа што живее во Лондон. Турскиот студентски активист Игит Гоктуг Торун пак, зборуваше за студентските протести во Турција кои траат од 2016 година и за нивната борба за автономија и демократија.
Од македонските говорници, прв на сцената на ENGAGE застана Борче Стаменов, херојот од Кавадарци кој успеа да обезбеди над 800 компјутери за децата кои немаат.
„Имавме доста половни машини што не ги фрливме и се случи во 2016 сосема случајно во фирма, ни дојде самохрана мајка да праша дали има половен компјутер за нејзините дечиња и го однесе дома. Кога гледаш колкава радоста се раѓа, нè поттикна да креираме Фесјбук страна, каде комунициравме со сите што сакаа да донират и да примат донација“, се потсети тој на почетоците на акцијата „Донирај компјутер“.
Епипата од иницијативата „Ways2Help“ ја раскажа приказната за првата дигитална платформа што нуди помош за плаќање струја и вода на социјално загрозени семејства, додека Стефан Алексиќ од „Challenger“ зборуваше за тоа како дошле до идејата да ги мотивираат луѓето да се вклучат во борбата против аерозагадувањето, но и да седат дома, за време на карантинот. Младиот продуцент Петар Антевски од „Пресврт“ своето обраќање го посвети на вониституционалните театари како слободен простор за креирање, како и на начините за нивно финансирање.
Јубилејното издание на ENGAGE го заокружи човекот во скафандер, кој го откри рецептот – како да се остане позитивен кога коси пандемија.
„Целосно маскиран во заштитен скафандер, ракавици и визир ни беше секојдневие со колегите 13 месеци во разни временски услови. Кога ќе фатеа жештините пречеше, но тоа беше состојба на ум, дека се работи за масовното здравје на луѓето. Илјадници километри се извозени низ Скопје, некои низ шега велат дека можам место Гугл мапс да зборувам, или да сум таксист. Околу 6500 лица истестирав за откривање на вирусот – или вештерката, како што си го нарекувам“, истакна здравствениот работник Денис Јанкуловски, познат како Космонаутко.
Конференцијата се одржуваше според протоколите за организирање настани за спречување на ширењето на корона вирусот, со ограничен број на публика, и пренос во живо на Фејсбук страната на Радио МОФ.
Конференцијата ENGAGE 2021 е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ, а поддржана од National Endowment for Democracy.