Петмина дански музичари го започнаа Аквасоник, првиот подводен бенд на светот, кој свири потопен во аквариуми.
Авантгардниот музички ансамбл Between Music од Данска поминал неколку години експериментирајќи со подводна музика, развивајќи свои рачно изработени инструменти, со помош на нуркачи, научници и занаетчии.
Пеејќи и свирејќи комплетно потопени во аквариуми, колективот првпат настапувал како Аквасоник во Холандија во 2016 година. Сега ќе настапуваат на Фестивалот во Сиднеј од 6-9 јануари.
„Многу е предизвикувачки да се свири музика под вода“, вели Роберт Карлсон, коосновач на Аквасоник. „Водата е нешто што го делиме сите, без разлика на религијата или културата. Поголема е од „нас и вас“. Затоа, мислам дека овој настап зборува на многу поголема публика – не само на обичниот посетител на театар или концерт“, смета тој.
Коосновачката, уметничка директорка, композиторка и музичарка Лајла Сковманд, ја добила идејата за бендот во 2002 година, додека експериментирала со својот глас. Сакала да ги истражи ефектите на пеењето преку водена површина, па почнала да пее со главата потопена во сад со вода.
„Неколку години подоцна, во европска уметничка лабораторија, доби можност да пее сосема потопена, а проба да свири и на некои нови инструменти. Не звучеше многу добро, но беше заинтригирана и фасинирана од овој нов елемент во музиката“.
Тогаш започнало 11-годишното патување да се формира Аквасоник, кој сега има пет члена.
Тие свират на инструменти именувани хидраулофпн, кристалофон и ротакорда. Изработени се рачно, во соработка со занаетчии од САД, Канада, Велика Британија и Данска.
Во самите аквариуми има микрофони, па и самите функционираат како инструменти, покажувајќи ја температурата и другите вредности на водата.