[Галерија] Артивистичка герила акција: И воздухот во Битола подлегна под корупција!

На плоштадот во Битола беше изведена герила акција од група граѓански активисти под наслов „И воздухот во Битола подлегна под корупција!“ Изведената артивистичка герила акција беше фокусирана кон влијанието на корупцијата во животната средина.

Активистите поставија лост во кој што парите, корупцијата и негрижата за животната средина се над интересите и здравјето на граѓаните. Воедно, активистите во акцијата ја преработија познатата песна на Кочо Рацин, „Денови”, која што ги опишува маките на граѓаните соочени со овој проблем, меѓутоа и како што велат, „аздисаноста и алчноста на елитите кои за животно загрозувачките прашања на луѓето не се откажуваат од големите профити“.

Акцијата е дел од проектот „Млади против корупција“, во организација на Националниот младински совет на Македонија, кој одржа „Зимска Школа – АРТивизам против корупција“, каде што 24 учесници се запознаа одблиску со различните форми на корупција и како тоа да го адресираат низ креативен начин.

Во прилог, прочитајте ја преработената верзија од „Денови“ на Кочо Рацин.

“Денови”

Како на вратот ѓердани,
Корупциски афери нерешени,
така и тешки тендери
легнале, та натежнале.

Тендери ли се тендери,
корупциски кражби големи.

Стани си утре подоцна,
дојди си вечер порано.

Наутро мито однеси,
навечер тендер донеси.

Ај загаден да е,
загаден да би останал
воздухот митаџиски.

Роди се човек, рак фати,
роди се човек, од лошото умри.

Загаден воздух диши си
за други туѓи џебови,
за туѓи бели дворови,
затруј си бели дробови.

За себе само кради си,
за други болест донеси
Нижи си само тендери,
зацрни многу судбини.

Нижи за себе алтани
За други гајле не бери…

Ах пусти да е пусти останал,
Оној што зеде митото
оној што зеде митото
што судба наша зацрни…

Тендери ли се тендери
митаџиски маки големи!