Кога се случи претходната, трета „Синестетика“, тоа беше на залезот на септември 2022. Сега, музичкиот пар Виктор Танасковски и Ива Дамјановски, со поткрепа на другарите „голопланинци“ и уметници од независната сцена, решија да го тераат мултимедијалниот фестивал на последниот ден од август. Симболично, последниот викенд пред враќање во школските клупи. Нова културна настава во природа на ледината Шамак над Козле, подалеку од градот, подалеку од стандарните културни свртувалишта.
Целта беше културата и уметноста да биде во синтеза со природата. Повторно да дојде до израз таа идеја – барем за момент да „избегаме“ од омилените места, од рутините, а притоа културно движење да бара нови начини за реобмислување и солидаризирање.
Надвор беше облачно, тмурно, па ќе удри сонце, па пак облачно, тмурно, па пак сонце. Времето од утрото до после пладне се мачеше. Како и сите останати, Виктор и Ива ќе фрлат поглед кон небото. Ќе врне или нема? Цело време како да „газат по јајца“. Во прашање се опрема, кабли, струја, светла, цела логистика, настапи, преместување…
Но, токму ваквото вадење од комодитетот ја прави „Синестетика“ поразлична. Не треба да биде се’ совршено. Напротив. Повторно на „гурање“, самоиницијативно, со друштво, со акција. Кој колку може да помогне, да учествува. Или едноставно да дојде и да се „нацрта“ на трева и да следи музики, активности, работилници… Опуштено.
А, имаше од се’ по многу. Настапуваа Виолета Качакова, Јоана, „The Local Blue“, „Александар Велики“, „Кокиче“, „Иш и јас“, „Светлост“, „The Ooz“, Огнен Златанов, Galatheia со Лепи Џони… Младинска музичка свежина измешана со искуство. Ама, главно авторска музика, што е и еден од предзнаците на „Синестетика“.
Имаше и џемување со „Лабораториум“, но и „звучна брканица“ со импровизирани музички инструменти. Чаши, тенџериња, капаци, кутии, електронски засилувачи… оставени до сцената. Се’ беше во игра. Се’ дозволено за да пријдеш, земеш и се приклучиш на повеќеслојниот звучен бран на Шамак. Ова, беше „far out“ момент во режија на Тома Димовски и Виктор Антевски.
Меѓувремено некои тераа јога сесија, додека дечките од „Гоблин“ понудија друштвени игри, „Спознавање“ своето списание, а „Партизанска штампа“ одржаа сито акција. Ситопечатот секогаш нуди можности за слободен израз. Бидејќи рудиментарните материјали за ситопечат се достапни, оваа техника често се користи во андерграунд движењата и супкултурите. Плус значи спојка меѓу луѓе, заедничка работа и заеднички испечатени маици или платна.
Истовремено во шумската галерија беа поставени цртежи, слики и фотографии од повеќе локални уметници, со отворена можност да се вклучи и секој кој дента одлучил да донесе свое дело. Ако на некој посетител му се види нешто убаво – можеше да купи дело. Да поддржи.
Се одржаа и „часови“ по ликовно и музичко, но и работилница за изработка на џебни пепелници на „За почиста Македонија“ и работница за цијанотипија на дечките од фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“. Последниве, веќе неколку години ги спојуваат љубителите на благородните фотографски процеси. Така беше и сега. Да се продолжи инхерентната потреба да се негува шареноликоста на фотографијата како медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон овој медиум.
Вечерта се проектираа и фимови во соработка со Младински филмски фестивал. И, тоа, на платно прикачено на комбе кое влета на импровизираната сцена! Овој фестивал патем периодов си „газеше“ со кратки филмови на млади автори, но и пропратни активности, концерти и работилница – долгометражен документарен омнибус за новата скопска музичка сцена. Фокус се млади режисери, со цел да се вмрежат млади ентузијасти, научат еден од друг, како и да се направи пресек на работата во изминатата година.
Шанкови или штандови за храна на „Синестетика“ држеа Зајче од „Old School“, „Лабораториум“, Паб „Ѕе“, „Веган 365 Кичен“, „Лавче“, „Кози Млеко Планина“, а тука беа и пржените лепчиња на Емил. Њам-њам. Кутиите за донација дополнително ја покажаа солидарната димензија на „Синестетика“.
Се’ на се’, фестивалот не’ однесе на нова настава во природа, со бран на музичари, уметници, фотографи, другари… Цело едно културно движење, на купче. Тие не „плачат и се жалат“ дека не добиваат поддршка од институциите, туку, идејата е да се потпираат на самоодржливост. А, можат и вака, на лединка. За повторно сите да задржиме напредна мисла и здрав разум.
Бојан Шашевски