Уметникот Небојша Гелевски Бане викендов го искористи полицискиот час за да изработи уметнички инсталации од својот дом, инспирирани од актуелната пандемија на Ковид-19.
Главниот лик во нив е „научник“ во заштитна облека, кој како што објаснува Гелевски е персонификација на напорите на обичните лица да се справат со предизвиците, да ги разберат и да се прилагодат на времето на коронавирус.
Од една страна, уметникот ги прикажува осаменоста и комуникацијата без зборови, наспроти едноставната среќа да се биде во допир со природата или со пријател. Според Гелевски, криејќи се од вирусот, луѓето ги забележуваат работите кои порано ги занемарувале.
„Вирусот е сеприсутен. Секојдневната интеракција со луѓето, предметите и природата го илустрира најдлабокото влијание на пандемијата врз нашите општества. Затворањето во нашите домови, всушност стана можност и отворање на нови перспективи, размислување или преиспитување на нашите приоритети, стравови, нашата интеракција со природата, семејството, пријателите, вредноста на слободата, влијанието на политиката, грижата за менталното здравје и интроспекција на нашето однесување, вели Гелевски.
Повеќе фотографии се достапни на неговиот профил на платформата Behance.