Како дел од програмата за одбележување на Денот на македонскиот јазик, синоќа преку видеопроекции на скопското Кале, Собранието, Самоиловата тврдина во Охрид, Спомен домот „Блаже Конески“ – Небрегово, Офицерскиот дом во Битола, СОУ „Јане Сандански“ – Струмица, Црквата „Свети Никола“ во Крушево и на Спомен-костурницата во Велес беа прикажани цитати од познати македонски автори.
„Цитати кои будат длабоки чувства за македонскиот идентитет, литература и култура, за нашата самобитност, гордо и моќно се испишани преку видеопроекции на повеќе објекти во државава, а се од Блаже Конески, Крсте Петков Мисирков, Григор Прличев, Константин Миладинов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Ацо Караманов, Ацо Шопов, Видое Подгорец, Лазо Каровски, Влатко Стефановски, Тоше Проески и Весна Малинова“, истакнаа од Министерството за култура.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека мисли и стихови на повеќе генерации дејци и писатели се вклопени во една приказна преку која се создава слика за македонската историја.
„Проектот се одвива на атрактивни локации, а со него дадовме нов современ приод во остварување на аманетот кој го имаме-да го чуваме, негуваме и афирмираме македонскиот стандарден јазик, зашто е тој нашиот дом, нашиот идентитет“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Проекциите, како што велат од Министерството, се завршен дел од нивната целодневната програма кои со низа разновидни настани и панел-дебата го одбележа Денот на македонскиот јазик.