Во КСП Центар-Јадро во вчера беше отворена изложбата „Кошмари и соништа“, заедно со истомената книга цртежи печатена во сито печат.
Организатори беа дечките од „Партизанска штампа“, кои потенцираат дека делата произлегле од 8-неделна работилница, каде преку принципот на длабински цртеж се работеше на темата „Кошмари и соништа“.
„Нурнавме длабоко за на површината да го изнесеме богатството на колективното несвесно во црно – црвена боја. Она што се случи несвесно, а го забележавме откако заврши процесот, е тоа дека во истиот останаа само жени, кои трпеливо и храбро се соочија со темните длабочини на нашето битие. На крајот станавме свесни дека го живеевме архетипот на везилка. Со сета почит кон оваа светост во нашиот колективен идентитет, увидовме дека нашата игла беа маркерите со кои цртавме, нашето платно беше хартијата на која печатевме, а нашиот конец беше сито печатот. Преку соочувањето со сопствените кошмари, се обидовме и да го изнедриме и сонот кој лекува, а доаѓа после кошмарот“, велат од „Партизанска штампа“.
Резултатот е книга, своевиден манифест на современата везилка која неуморно твори создавајќи печат низ времето.
„Нашите кошмари и соништа се неминовен дел од колективното несвесно; иако навидум страшни, во себе содржат огромен потенцијал за трансформација и реализација на себството. Затоа, не плашете се од комшарите во сонот! Само преку соочувањето со тие демони ќе можеме да го промениме кошмарното во реалноста“, соопштуваат од Партизанска штампа.
Инаку, пред изложбата, но и додека траеше, ѕидовите на центарот беа оплеменети со креации од уметници и млади луѓе.
Сите заинтересирани, можат да тркнат до Центар-Јадро и да ја погледнат изложбата која според најавите ќе трае до Нова година.
Учесници во изложбата се Емилија Дамјановиќ, Мерима Сарачевиќ, Евгенија Трајковска, Маја Андоновска Јокиќ, Јоана Ристеска, Татјана Јовановска, Јелена Белиќ, Катерина Димитровска, Милена Петковска и Евгенија Трајковска.
Бојан Шашевски