Домашни и странски говорници и активисти беа дел од годинешниот „ENGAGE 2022“ во Куршумли Ам, каде презентираа лични инспиративни приказни за тоа како алармира за проблеми во животната средина, како е да се известува од војна, како медиумите можат да го променат јавниот наратив за општествени и егзистенцијални проблеми, но и како младите можат да изградат успешен старт ап од своето хоби.
Она што ги поврза сите говорници е потребата од активизам, одговорност или ангажирање на различно ниво во заедницата, па Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“ раскажа дека започнале како група ентузијасти со идеја да го размрдаат општеството, да се зборува за прашања за животната средина.
„Во 2006 се појавивме во најлонски кеси на собир на Ристо Пенов, а бевме запаметени дека ‘не’ избркале’. Но, откако се прошири зошто така екологистите биле третирани, почна да се шири и свеста за проблемите со животната средина. Своевремено, направивме и поворка за смртта на белите дробови. Потоа не’ викна и претседателот на разговор. Исто за аерозагадувањето пеевме божиќни песни на градоначалникот, ‘All I need for Christmas is air’. Со тек на време, дојде време наши граѓани да поднесуваат пријавија за загадување на воздухот“, рече Чоловиќ Лешоска, добитник на престижната награда „Голдман“.
Со време, рече таа, сфатиле дека не е доволно само да се биде на улица, туку треба и притисок внатре во институциите, а истовремено да се работи на еко-едукација уште од мали нозе.
Новинарката Кристина Атовска, известувач од војната во Украина, зборуваше за потребата новинарите да се ангажираат во следење и прикажување на реалните состојби од терен.
„Новинарот е коректор на власта и гласот на народот. А, ниту еден не е поважен на оние луѓе што се будат со тенк во дворот. Јас бев
единствениот наш новинар што беше таму од државата, што многу кажува и е голема критика за цела држава. Некои работи од масакрите од војната што ги видов, не ги покажував. Мора да се има сенс, етика и што да покажеш на јавноста. Јас повеќе пати плачев, лично ги доживував работите, морав да внимавам и на пристапот, како им пристапувам на луѓето“, рече таа, додавајќи дека
За нејзиното известување од фронтот, потребна била и психофизичка спремност за се’ она што ја чекало на терен.
„Навечер, кога ќе завршите цела таа работа во цивилната зграда, во завоен град делови, кога ќе почне да се тресе цела конструкција, животот е ‘лотарија’“. Не знаете што ќе се случи. Тоа е страшно искуство. Во војна мора се’ на очекувате. Но, новинарите имаат одговорност да ја покажуваат вистинската слика пред граѓаните“, дополни Атовска.
За улогата на медиумите зборуваше и Беса Лучи, основачка на независната медиумска организација „Косово 2.0“. По независноста на Косово, недостасувала вистинска јавна дискусија. Оттука, во 2010 го формирале „Косово 2.0“, откако постојано до нив стигале голем број приказни од маргинализирани или загрижени граѓани.
„Некој збореше за социјални теми, други за женски права, за лошо образование… Но, она што загрижуваше е што сите овие проблеми дојдоа од млади луѓе, од индивидуални искуства. Меѓувремено, сфативме дека плуралноста на граѓаните не значи плуралност на гласовите“, рече таа пред присутните во Куршумли Ан, дополнувајќи дека е важно да постои простор за младите или маргинализираните да ги објават своите проблеми, а потоа тоа да се рефлектира како дискусија во општеството.
Потребата од јавни дискусии ја начна и Марко Михаиловиќ, директор на „Pride Society“, координатор на Европрајдот што се одржуваше минатата недела во Белград.
„Домаќини на Европрајд се големи европски градови. Сакавме да го повлечеме вниманието кон Белград и Западниот Балкан за да
ги посочиме проблемите со кои се соочува овдешната ЛГБТИ+ заедница, со цел да повикаме на решенија. Она што се случи во Белград не беше Парада, туку покажа колку е голема стигматизацијата во овие простори. Во овие 5-6 месеци доживеавме говор на омраза, непреземање активности од институциите, доживеавме многу дезинформации, многу дехуманизација“, рече тој, додавајќи дека научивме многу што треба да прават и во иднина, промени и во нивното делување.
Никола Велковски, пак, зборувајќи за влијанието и можностите на технологија, ја раскажа успешната приказна за неговата фирма „Howitzer“.
„Започнавме 2020, кога имаше корона, седевме дома со друштво и игравме ‘Кантер Страјк’. Меѓувреме поминавме многу, но преку нашата успешна приказна целта ни е да продолжиме да бидеме амбасадори на младите, на претприемништвото. Во Македонија може да се креира нешто за светскиот пазар. Треба повеќе да се верува во она што го правите и да се користат сите ресурси“, потенцираше Велковски.
Во организација на Радио МОФ и Младински образовен форум, „ENGAGE 2022“ овозможи простор за првиот инклузивниот хор на „Колектив Ветерница“ и „Трисомија 21“, додека активистот и водител на емисијата „Јас сум Цако“ – читаше своја поезија. Исто така, публиката на овогодишното издание можеше да учествува и на некоја од работилниците за цртање облека, креирање алки и уметност преку стикери.
На настанот, свои диџејски сетови имаа „Бесниот витез“, „Double G“, „Indog“, Еми Ермилова и Мартина Пенева.
Конференцијата беше поддржана од National Endowment for Democracy.
Бојан Шашевски