[Галерија] Гимназијата „Никола Карев“ стана првото „пет френдли“ училиште во Македонија

На иницијатива на учениците од Гимназијата „Никола Карев“ денеска се одржа хуманитарен настан за Коста, еден од нивните миленици во училишниот двор, како и за сите други бездомни животни, со што „Карев“ стана првото „пет френдли“ училиште во Македонија. Куќички од дрво, машни, плетени шалчиња и капи, магнети, нараквици, коски, храна, хамери и паноа за вдомување на бездомните и слики од нивните миленици, беа само дел од изработките на учениците од првиот училишен „Пет френдли клуб“, кои ги продаваа со цел да ги донираат парите во јавното претпријатие „Лајка“. 

Идејата ја потегнале две ученички кои летово волонтирале во „Лајка“. Тие сакале да направат нешто со што би им помогнале на бездомните кучиња, меѓу кои 5-6 се нивни и ги чуваат во дворот на училиштето, раскажува Марина Ристовска, професорка по книжевност во „Никола Карев“ за Радио МОФ. Учениците ги хранат овие кучиња, додава таа, но муабетот бил зошто да не ги згрижат организирано.

„Откако почнавме да размислуваме да организираме ваков настан, учениците сами некако спонтано си се групираа и формираа ‘Пет френдли клуб – Карев“. Направија три куќички кои ќе се постават во дворот, направија изработки на храна… Сето тоа што го гледате се нивни изработки. Правеа сами, работеа и самоиницијативно остануваа тука до 10 часот навечер. Ваков ентузијазам досега не сум видела и многу ми е мило“, вели Ристовска.

Коста, фото: Радио МОФ

Еден од учениците беше диџеј на настанот, друг фотограф, дел од нив ги продаваа нивните изработки, како и топло кафе, чај и вкусни јадења, а повеќето уживаа во музиката и атмосферата. Свој штанд имаше поставено и Факултетот за ветеринарна медицина, а имаше и простори издвоени за донирање за бездомните. Дел од учениците со лопати, колички и метли во рацете, исто така, активно го чистеа дворот на училиштето.

Како што објасни Ристовска, професорите ги поддржале учениците затоа што бездомните кучиња не се паднати од небо, вели дека тие се тука од несовесни сопственици, од луѓе што ги напуштаат, оставаат на улица и тие оттука се размножуваат.

„Кога би биле згрижени, стерилизирани, третирани, тие ниту се проблем, ниту опасност за градот и граѓаните. Единствен начин да се реши проблемот со бездомните кучиња е да се подигне свеста на луѓето дека тие се дел од општеството и така треба да бидат третирани. Многу е важно децата уште од мали нозе да развиваат емпатија, сочувство дека треба да помогнат на послабиот и така понатаму ќе се однесуваат и ќе го пренесуваат тоа“, посочува професорката.

Таа додава и дека ова е прв настан кој го организираат и за кој учениците изразиле интерес, не прашале дали ќе губат часови, до колку треба да останат или дали е завршено времето за училиште.

„Огромен ентузијазам и огромен одзив, и од учениците и од професорите. Само неколку колеги рекоа дека на кучињата не им е место тука, но и тие веќе сфатија дека всушност го правиме ова за да биде подобро. Никој од нас не сака да има кучиња на улица, напуштени, гладни, жедни… И тие што сакаат, и тие што не сакаат кучиња, сите сакаме да бидат истретирани и згрижени“, поентира Ристовска.

Како што раскажа професорката, оваа недела „Никола Карев“ празнува 80 години од постоењето. По овој повод таму имаат активности цела недела, а утре е свечениот настан, односно патронатот на училиштето. Во склоп на ова, тие одвоиле простор на децата кои дале иницијатива да направат ваков настан.

Ангела Петкова