Околу 500 средношколци од тетовските училишта одржаа протестен собир во центарот на градот, на кој побараа укинување на екстерното тестирање. Тие протестираа и пред зградата на општина Тетово, а го изразија своето незадоволство од одлуката на Министерството за образование и наука од следната недела да се отпочне со екстерно тестирање во училиштата. Средношколците велат дека се организирале сами, поради заедничкиот проблем. Велат дека тестирањето, замислено како контрола на оценувањето во текот на годината им предизвикува стрес, како и дека не ја гледаат користа од екстерното тестирање. Слични протести се организираат или се најавени и во Скопје, како и во повеќе градови во Македонија.