Под мотото „Голема брзина на стоењето“ вчера во Скопје започна седмото издание на уличниот уметнички фестивал за живи статуи „Статуафест“.
Целта на овогодинешниот фестивал за улични живи статуи „Статуафест“ е да се каже „стоп“ на синдромот на брзо живеење.
„Живееме во време во кое безглавото брзање кон некаде/никаде стана рутина, односно стана наше секојдневие. Сосем непотребно чувство за сите нас. Од тие причини и целта на овогодинешниот фестивал за улични живи статуи „Статуафест“ е да му каже СТОП на овој непотребен синдром на живеење кој, непокането се всели во нашите животи и стана „Добро утро / Добар ден / Добровечер“ за речиси секој еден од нас. Сакаме суштински да ги замислиме нашите сограѓани, а и сите останати кои одблизу ќе го погледнат овогодинешниот „Статуафест“ и да си постават прашање: колку навистина многу кон некаде брзаме?“, велат од Театроск, кои се организатори на фестивалот.
Дел од атмосферата можете да ја видите преку фотографиите на Радио МОФ
Фестивалот трае и денеска, а граѓаните ќе можат да ги погледнат „живите статуи“ во периодот од 12 до 14:30 часот, како и во периодот од 18:30 до 21:30.
Мартин Колоски
Фотографии: Радио МОФ