„Денес го славиме 8-ми Март, Меѓународниот ден на еманципацијата на жената. Го славиме нејзиниот влез во јавната сфера преку учество во политиката, пазарот на трудот и образовните процеси. Ја славиме нејзината слобода и уште поважно, вековната борба за слобода. Денес ги славиме сите успешни жени и жени борци, жените работнички, жените кои одат километри пеш на гинеколог, жените кои преживеале насилство и за тоа проговориле јавно веднаш, после десет години или воопшто не проговориле. Ги славиме тие што родиле и тие што абортирале, ги славиме жените што сакаат да бидат со мажи, со жени, или сами“.
Ова е дел од говорот со кој активистката Калиа Димитрова им се обрати на учесниците на вториот марш за женските права што се одржа денеска во Скопје. Таа нагласи дека борбата на жените продолжува и годинава бидејќи како што рече, тие се уште се соочуваат со шовинизам, мизогинија и негирање на нивните права.
На маршот се приклучија повеќе организации, но се појавија и претставници од актуелната влада. Дел од толпата беше и премиерот Зоран Заев со својата сопруга, кој се понуди да помогне во држење на микрофонот на говорниците. Дел од присутните го оценија овој чин како популистички.
„…Има други начини на кои може да ни помогнете премиере…“, беше реакцијата.
Маршот симболично започна од Жена парк, по што се движеше низ Плоштад Македонија за на крај да заврши на Плоштадот Филип Втори.
Годинава е пресвртница за глобалното феминистичко движење, вели Димитрова.
Глобалното движење #MeToo кое се покрена по пријавите за сексуално вознемирување и насилство од познат холивудски продуцент предизвика дебата на темата и во Македонија. Повеќе жени споделија за своите искуства со насилството и микроагресиите од секојдневието, како дел од кампањата #СегаКажувам.
Димитрова вели дека жените во Македонија се уште се борат против стереотипите како „Сама си го барала“.
„Сведоштвата од движењето #СегаKажувам беа осудувани како недоволно насилни, неважечки бидејќи нема имиња и презимиња на насилниците, повик за внимание и загрозувачки за флертот. Мажите веќе не ќе знаеле како да им пристапат на жените. Факт – феминизмот не е пуританистички. Напротив, мизогинијата е таа што ги кастриrа жените и не само во фигуративна смисла. На голем број превентивно им се сече клиторисот, лишувајќи ги засекогаш од потенцијално сексуално задоволство“, смета Димитрова.
„Факт – локални избори 2017 година, од 208 кандидати за градоначалници, само 12 се жени. Тоа се помалку од шест отсто“, продолжи таа.
Акстивистките им порачаа на политичарите да прочитаат за системска дискриминација, да ја проверат сопствената привилегија и да размислат за шансите кои ги добиле во животот, во споредба со нивните колешки.
Димитрова потсети и дека Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа. Покрај загадувањето, како главен фактор за оваа појава таа ги истакна:
„Виновна е државата која не обезбедува поддршка на бремените жени. Кога има 137 матични гинеколози, т.е. 1 гинеколог на приближно 7 000 жени осигуренички. Одговорни се лекарите и болниците, кои се наоѓаат во трета фаза на распаѓање. Знаете кој не е виновен? Не се виновни жените, кои решиле да живеат во земја која ги обвинува за сите системски грешки“, рече таа.
Ниту работната средина е рамноправна. Само 33, 8 отсто од работоспособните жени се вработени.
„Иако се со високо образование, мнозинството од жените се уште се на најлошо платени места во текстилната и чевларската индустрија, како касиерки во маркети, како чистачки без никакво осигурување, маргинализираните жени како лезбејките, бисексуалките и трансродовите жени, сексуалните работнички, Ромките, жените со попреченост. Сите се соочуваат со социјално исклучување и масивно прекршување на нивните права, наместо солидарност, емпатија, и заштита од насилство. Тие добиваат морализирање, стигматизирање и насилство, дури од страна на полицијата“, забележа Димитрова.
Учесниците порачаа дека не постои нешто како прееманципација, како што не може да постои нешто како премногу слобода и правда.
„Повторно сме во нашиот Жена парк и прашуваме, дали навистина е среќен 8 март?“, нагласи Димитрова.
Е.П.