Соба со огледала, соба за гравитација, превртена соба и соба со фотографии поради кои посетителите „пропаѓаат во дупка“ или „налетуваат на воз“ – се само дел од интересните активности кои ги нуди новоотворениот Музеј на илузии во строгиот центар на Скопје.
Идејата за отворање на концептот е поттикната од Кирил Савовски, којшто живее во Виена, и од недостигот на ваков тип забава во градот. Изграден е по примерите на слични музеи како во европските метрополи, така и во балканските, како што се: Прага, Виена, Белград, Загреб и Љубљана. Основачи на музејот се тим ентузијасти, а една од нив е Благица Илиќ.
„Со оглед на тоа што музејот е отворен една седмица, задоволна сум и повеќе од очекуваното. На крајот на учебната година, стотина ученици од основното образование ни го збогатија музејот со нивното присуство бидејќи илузијата е дел од наставната материја во нивниот образовен процес. Училишните центри ќе бидат наш фокус во текот на новата учебна година“, вели таа.
Музејот е изграден за половина година, појасни Илиќ. Тој се простира на 550 квадратни метри и е составен од три нивоа.
Главниот концепт на музејот е да им побуди возбуда и забава на посетителите, вели таа.
Забележивме дека посетителите излегуваат насмеани и задоволни, размислувајќи и одгатнувајќи загатки.
„Загатките сами по себе се интересни бидејќи ние, луѓето, како човечки суштества тежнееме да дојдеме до некаков заклучок, до некакво решение и токму затоа тие се мистериозни и примамливи, додека не дојдеме до нивно решение“, ни раскажа Илиќ.
Музејот не е фокусиран само на младата популација, туку фокусот е на сите возрасни категории.
Организаторите се особено воодушевени кога ќе видат и стари лица задлабочени во фотографиите и предметите коишто ги нуди музејот.
„Еден дел од музејската поставка ќе биде со променлива категорија. На пример, во иднина, изложбениот или галерискиот дел и дел од собите ќе имаат надоградена или сосема нова содржина.“ – вели Благица.
„Илузиум“ работи секој ден, од понеделник до петок – од 8 до 20 часот, а за време на викенди – од 9 до 20 часот. Влезницата за посетитетелите чини 300 денари, а за децата до 12 години, таа изнесува 200 денари.
Посетителите се задолжени со себе да понесат фотоапарат или мобилен телефон и добро расположение!
Ана Илиева
Фото: Емилија Петреска