Со поставување на импровизирана блокада на булеварот „Партизански одреди“ и пред Град Скопје како и возење на традиционалната Критична маса, денеска од иницијативата „На Точак“ го изразија револтот против поставувањето на контејнерите на велосипедските патеки низ Скопје.
Стотина велосипедисти, се приклучија на Критичната маса, која започна од Плоштад „Македонија“, а заврши пред Град Скопје.
Дарко Арсовски од „На Точак“ пред почетокот на Критична маса, на велосипедистите им посочи дека покрај возењето, периодов се посветени и во менување и закони и легислатива, за работи, за кои што вели ќе останат и после Критична маса и „На Точак“, и работи кои ќе ги натераат институциите да прават како што треба инфраструктура за велосипедите.
„Работи кои што ќе спречат поставување контејнери на сред велосипедска патека, заради тоа се враќаме со оваа тема, да ги потсетиме дека такви глупости нема да поминат. Не е во ред, на патека која што постои, независно дали е тоа на Партизанска, дали е 11 октомври или било која друга велосипедска патека или лента во градот, не смее да се постави таму било каква пречка. Контејнер, канделабра, дрво, што и да е. Треба да се направи анализа каде да стојат тие работи, не смее да има пречки, не смее да има цик-цак, и не е океј оправдување кога може да се заобиколи. Ако е така може да се стави и на улица, па нека заобиколуваат колите, што ги спречува, и тие си имаат волан, како што имаме и ние“, кажа Арсовски пред почетокот на Критична маса.
По патот на зацртана рута, велосипедистите застанаа на булеварот „Партизански одреди“ спроти Архитектонскиот факултет. На крајната десна лента, тие поставија картонски кутии и со жолта лента го означија нивното „заобиколување“.
Критичната маса потоа продолжи се до Град Скопје, каде велосипедистите повторно ги поставија истите картонски кутии.
„Мислиме дека е крајно време да зборуваме градот да се развива за карго-транспорт точаци, за ослободување на кејот, за рент-а-бајк систем, а не за работи кои се апсолвирани пред пет години како поставување на бандери, контејнери, билборди на велосипедски патеки. За тоа возевме денеска, се надеваме дека нема да имаме потреба да правиме вонредна критична маса за ваква банална работа што не смее да се случи повторно, а ако се појави, повторно се гледаме на улиците“, рече Арсовски на завршувањето на Критичната маса.
Радио МОФ испрати прашања до Град Скопје. Ги прашавме кој е нивниот план за решавање на проблемот кој го потенцираат од „На Точак“, но и нивен коментар за тоа дали според Градот, со поставувањето на контејнерите се подрива концептот „Вело-град“.
„Градот Скопје изминатиов период ја спроведува акцијата за поставување на новите контејнери, а станува збор за 540 нови контејнери со капацитет од 3.200 литри со коишто ќе бидат заменети над 1.800 од вкупно 4.500 досегашни стари контејнери. Конкретните микро локации каде се поставуваат контејнерите се вршат во Градот Скопје, во координација на поголем број на сектори. Поставувањето на новите контејнери, кои се со поголем габарит, има и своја цена во просторот и во наредниов период Градот Скопје ќе работи на отстранување на сите аномалии и ќе има одредени привремени решенија“, одговорија од Град Скопје за Радио МОФ.
Оттаму додаваат дека моментално ниту една велосипедска или пешачка патека не е целосно блокирана, туку дека на неколку патеки се направени заобиколувања околу поставените контејнери.
„За можните проблеми во првичното поставување на опремата Градот Скопје одржа средба со претставници на повеќе неформални групи и здруженија на велосипедисти, на кои им беа посочени овие состојби и дека ќе постојат одредени привремени решенија, а понатаму ќе се адаптираат велосипедските патеки“, додаваат од Град Скопје.
Инаку, денеска, освен во Скопје, Критична маса се возеше и во Прилеп под наслов „До каде сме со вело-патеките“. Оттаму нагласуваат дека е тажна сликата кога се асфалтираат и реконструираат улиците низ градот, а притоа пешаците и велосипедистите се комплетно заборавени.
Мартин Колоски