Во своите најславни денови, Југотон имаше милионски тиражи, договори со многубројни домашни автори и изведувачи, но и многу лиценцни изданија. Поставуваше стандарди. Ја претставуваше најзначајната дискографска куќа во поранешна Југославија.
Војната и беспарицата на почетокот на деведесетите се одразија на работата и постоењето на најголемиот југословенски издавач, а новите пазарни околности направија сеќавањето на Југотон сѐ повеќе да избледува.
Сања Бахрах-Криштофиќ и Марио Криштофиќ од загрепската уметничка организација „Култура на уметноста“ решиле да направат изложба – „Југотон – источно од рајот“, чија цел е да го зачува сеќавањето на Југотон и наследството на популарната култура во некогашната држава.
Изложбата најпрво била поставена во загрепскиот Технички музеј, а до крајот на март ќе биде поставена во белградскиот Музеј на наука и техника.
Идејата изложбата да биде именувана „Источно од рајот“, велат организаторите, се наметнала самата пред јасната концепција за изложбата.
„Во добата на основањето и златните години на Југотон, сѐ што доаѓаше од Западот имаше посебен призвук на копнеж за нешто поубаво, пошарено, подобро од она што го имавме. Западот беше некое „рајско“ место на изобилство, во однос на нашата или онаа уште поисточна реалност“, велат во интервју за Before After.