[Галерија] „Ќе протестираме до крај“ – продолжуваат протестите против поскапувањето на струјата

И ова попладне, упатувајќи пораката „Ќе протестираме до крај“, продолжија протестите против поскапувањето на струјата. Платото пред Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) беше исполнето со револтирани граѓани кои го изразија незадоволството против одлуката  со која од месец август граѓаните плаќаат струја поскапа за повеќе од 7%.

Двете групи, едната која маршираше од „Жена Парк“ и другата од паркот во Чаир, се споија под мостот на плоштадот „Скендерберг“, за заедно да продолжат кон Владата, скандирајќи „ЕВН мафија“, „Лопови“ и „Скапан систем“, каде кратко се задржаа. Веднаш потоа се упатија кон седиштето на РКЕ.

Синдикалецот и активист Марјан Ристески пред седиштето на регулаторите посочи дека овие протести започнаа пред месец и половина, а за разлика од политичките партии кога тогаш се бореле да направат влада, тие како граѓани и синдикалци биле на улица.

„Како што гледате и денеска протестираме и немаме намера да се откажеме од нашите барања. Уште еднашка апел до Владата, уште на самиот почеток и до пратениците да пратат абер дека ќе го слушаат гласот на народот, ова е порака до нив, да не се остави впечаток уште на самиот почеток на Владата дека не го слуша гласот на граѓанинот. Ние ќе бидеме упорни, после овој протест ќе имаме координативно тело со сите градови каде што се протестира, за понатамошните наши заложби, акции, како ќе биде, ќе бидете благовремено известени“, изјави Ристески на протестот пред РКЕ.

Марјан Ристески

Ристески е дециден дека ќе се протестира до крај, како што рече, се додека некој не ги прими да го слушне нивниот глас, повторно упатувајќи апел за средба со надлежните.

„Ова некој да не те прима уште на самаиот старт, верувајте е многу лошо, ќе се направи голем револт и кај синдикатите и кај граѓаните, кај сите буквално граѓани, без разлика на верска, национална припадност. Ние немаме намера да се откажеме од овој протест, бараме преговори, преговори во држава која е членка на НАТО и која аспирира за ЕУ, мора да постојат. Ние не бараме фатаморгана некоја, бараме чисто да ги вкрстиме аргументите“, рече Ристески.

Тој посочи дека поскапувањето на струјата не е мало, потенцирајќи дека тоа се случило во време на корона криза и во период кога граѓаните ги земаат годишните одмори.

„Нека се запрашаат господата што прават тие граѓани кои се преку 30 илјади што останаа без своите работни места. Секој ден граѓаните остануваат без работа и сега уште да се оптеретат со дополнителни трошкови… ние тоа нема да го дозволиме. Кои ќе бидат нашите активности, значи не сакаме да блокираме раскрсници, не сакаме да правиме неред во државата, меѓутоа ако некој не испровоцира ќе бидеме приморани да настапиме пожестоко“, потенцираше Ристески.

Протести претходните недели беа одржани и во повеќе македонски градови како Тетово, Гостивар, Кичево, Битола и други. Регулаторите одлуката за поскапување на струјата ја правдаа со загубите на енергетските компании кои настанаа поради пандемијата.

М.К.